Реконструкцијата на Партизанска се уште не е завршена - Шилегов чека подобри временски услови

Поминаа повеќе од 3 месеци од локалните избори, а реконструкцијата на булевар Партизански одреди не е завршена.

Градежните работи беа прекинати поради изборниот процес и се чекаше смената на градоначалници, за да се продолжи со работа. Но, оттогаш до денес Партизанска не е довршена. Долго време машините беа паркирани но не работеа.  Сега се повлечени, третата лента од булеварот не е обележана, тротоарите и сливниците стрчат над улицата.  Градоначалникот Шилегов чека  подобри временски услови за да ја заврши реконструкцијата.

Се работи за асфалтирање на околу 2 километри коловоз во два правци на потегот од улицата Франклин Рузвелт до раскрсницата со булевар 8 ми септември. Реконструкцијата почна лани летото и требаше да биде завршена за 90 дена. Недовршен остана и булеварот и кружниот тек кај последна 24ка во Кисела Вода, каде граѓаните постојано се жалат дека не безбедно и во кал и вода минуваат секојдневно.

Во буџетот за оваа година, градоначалникот на Скопје најави планирање на проекти за патна инфраструктура. Шилегов кога го презентираше буџетот рече дека првата половина од 2018 воопшто нема да почнува со градење. Инаку за потсетување актуелниот градоначалник Шилегов во својата изборна програма вети изградба на северен булеварски прстен, централни магистрали, мостови тунели и нови булевари, но до сега не е почнат ниту еден проект.