Реката Вардар на скопските граѓани во летниот период им овозможувала пријатно разладување од високите температури, но ги задоволувала и  нивните секојдневни потреби. Освен капачи, честа глетка на реката бил  и добитокот што се поел, а се миеле и  коли, се перела облека, килими, черги и др. 

Местата на реката каде што скопските граѓани можеле да се капат биле одредени со наредба од управата на градот.

Капењето било дозволено на просторот од мелницата на Јусуф Морина до електричната централа и водоводот на  десната страна, а од мелницата на Јусуф Морина до Железничкиот мост, капењето било забрането. На одредени места можеле да се капат деца на возраст од 15 години облечени во костими, додека за деца под 15 години капењето било забрането. Родителите чии деца биле фатени на плажата, биле  казнувани со одредена казна. 

Посетата на плажите на реката Вардар, освен како потреба и навика, претставувало  мода и начин на живот на скопските граѓани.

 Во летниот период, просторот од плажата кај аеродромот, па сé до Ханриевиот железен мост, бил преполн со капачи. Но, и плажите се разликувале според своите посетители. Градската плажа кај Идадија била монденска, а на Руска плажа се капеле газдите и побогатиот свет. На оваа плажа се надоврзувала Војничката плажа, па Турската плажа, Циганската плажа и на крај “Мангупската детска плажа”.

Однесувањето на капачите на реката Вардар било одредено со наредби од управата на полицијата, во интерес на јавниот морал, ред,  лична и имотна сигурност. Со наредбата  издадена во 1930 год. мажи и жени не можеле да се капат заедно. Однесувањето на плажата морало да биде пристојно, а капачите, облечени во костими за капење, не смееле да го посетуваат ресторанот.

Соблекувалните морале да бидат со брава и клуч и постојано биле дезинфицирани. Капачите кои имале вредни предмети, можеле да ги оставаат своите предмети на реверс. Влезот во капалиштата бил забранет за болни од кожни болести или епилептичари.

Капалиштата работеле до 20 часот навечер, а бил забранет влез за животни.  Посетителите кои доаѓале со коли , морале да ја намалат брзината поради големата прашина. 

Местата за капење на реката Вардар  кои биле одредени од полицијата биле на Ханриевската плажа од Ариф беговиот јаз,  низводно до Железничкиот мост, Детската плажа  и Главната плажа која се наоѓала под тркалиштето. 

На одредени места капењето било дозволено на двете стани на реката, и тие места биле обележани.

Плажата била едно од местата каде што момчињата им се додворувале на девојките со фрлање  каменчиња, ѕиркање во соблекувалните.  Ваквото  однесување на плажите било забрането.

Продавањето на прехранбени производи на плажите било со одредени хигиенски прописи според кои храната требала да биде чиста и со умерени цени.

За време на жешките лета во Скопје , овие капалишта  биле преполни со луѓе. Плажата била место каде што скопјани се собирале и дружеле, каде што се одвивал богат социјален  живот  во летните периоди. На градската плажа во 1936 година се појавил нудист што било вистинска атракција. Нудистот бил некој неафирмиран млад  лекар кој заради реклама, се одлучил на ваков начин да го привлече вниманието. Во 1932 год. во Скопје било основано и првото нудистичко друштво. Во него членувале жени од угледни и богати фамилии. Претседателка на друштвото била Ташана-Шана Виќентијевиќ чиј сопруг бил сопственик на зградата на денешниот Клуб на писатели. Според сеќавањата на тогашните современици, членовите на ова друштво оделе со пајтони во Катлановска Бања, се капеле и се сончале на реката Пчиња, а не ретко и на реките Вардар и Треска на места што не биле посетувани.

Вообичаена глетка  на скопските плажи биле скопските фраери кои се однесувале како кавалери и младите  девојки со костими за капење од странство, со романтични шешири и чадори.