Референдум на 9 или на 16 септември?

Кон средината на јули, според информациите, се планира парламентот да го распише референдумот на кој македонските граѓани, најверојатно, ќе треба да изберат дали се за промена на името со цел членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, пишува Независен.

Во таа насока, всушност, се очекува да биде референдумското прашање, а проценките се дека исходот од престојаните самити на Европскиот совет и на Алијансата во Брисел ќе ја подигне позитивната перцепција кај граѓаните во однос на договорот што е потпишан со Грција, како документ што ги деблокира евроатлантските перспективи на земјата.

Еден од термините што се споменуваат во политички кругови за одржување на референдумот е 9 септември, што би значело ден по одбележувањето на 27 годишнината од првиот референдум за прогласување на независноста на Македонија. Законот за референдум предвидува ваквите изјаснувања да се организираат исклучиво во недела, така што ако се оди на избор на друг ден би требало да се донесат законски измени. Доколку се процени дека не е прагматично новиот референдум да се поврзува со Денот на независноста, како следен можен датум се спомнува следната недела, односно 16 септември. Иако премиерот Зоран Заев најави дека референдумот би можел да се организира и во почетокот на октомври, првите седмици од септември се вртат како поверојатна опција за да се остави простор потоа да се спроведат уставните измени согласно договорот со Грција.

Според тоа, се очекува претстојните летни месеци да поминат во знак на кампања за референдумот. Политичките партии веќе се подготвуваат за тоа, така што лидерствата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се постојано присутни на терен во последните неколку седмици.