Редовна есенска генералка во општина Аеродром

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Oпштина Аеродром, Ивица Коневски и директорите на јавните градски претпријатија денеска  одржаа средба со претставници на урбаните и месните заедници од општина Аеродром, во рамки на тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје.

Пред почетокот на средбата, градоначалниците на Град Скопје и Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневскии, извршија увид во работата на терен на јавните претпријатија, кои на подрачјето на општината реализираат активности од нивна надлежност.

- Градот Скопје и Oпштината Аеродром ja продолжуваат одличната соработка и редовните активности на терен. Во тек е уредувањето на паркот кај последната автобуската станица на автобусите со број 5 и 15. Површината на паркот ќе изнесува околу 10 хектари и се очекува да биде целосно уреден во првата половина од наредната година. Градот Скопје и општината Аеродром заеднички го реализираат овој проект, изјави Градоначалникот Трајановски.

На почетокот од средбата градоначалникот Трајановски направи краток осврт за досегашната соработка со Општина Аеродром и реализираните проекти на територијата на оваа општина, а ги најави и предвидените проекти за следната година.

- Изминативе неколку години, на територијата на општина Аердром, Градот Скопје реализираше голем број проекти во насока на подобрување на животот на граѓаните во оваа општина, а со истата динамика ќе продолжи и понатаму. Во 2016 година, покрај завршувањето на проектот за проширување и реконструкција на 3-та Македонска бригада-втора фаза и целосното уредување на новиот парк на површина од околу 10 хектари, Градот Скопје планира изградба на булеварот АСНОМ на потегот од бул. Февруарски поход до куќите во Лисиче - прва фаза, реконструкција и продолжување на улицата Васко Карангелески и изградба на фекалната канализација по булевар Србија до булевар Февруарски поход - истакна Трајановски.

Градоначалникот на Oпштината Аеродром, Коневски ја истакна одличната соработка со Градот Скопје и претставниците на јавните претпријатија, и истакна дека жителите на Аеродром се задоволни од работата на терен на екипите на јавните претпријатија. Според него преку овие средби се подобрува ефикасноста на работата на јавните претријатија, преку меѓусебната координација урбаните и месните заедници, општината, градот и јавните претпријатија.

На средбата со урбаните и со месните заедници, на којашто покрај градоначалниците присуствуваа и директорите на јавните претпријатија, раководителите на пунктовите на претпријатијата, како и претставници на секторите од администрациите на Градот Скопје и од Општина Аеродром, се дискутираше за состојбите на терен во општината, меѓусебната соработка, како и резултатите од истата.