Речиси измрзнат бездомник спасен на Токсикологија

Завиткан во бел чаршав, со медицински влечки и чорапи на нозете, но со малку  потстоплено срце и душа, 32-годишниот бездомник Робертино утринава излегол од Клиниката за токсикологија, во придружба на медицински брат. Вчера, на минус 10 степени ноќеска останал и без чевли, бос, само по џемперче и тенки панталони, откако некои насилници го натепале и му ги собрале и обувките од под Железничката станица, дознава Плусинфо.

– Овој бездомник имал среќа, бидејќи со Брза помош ноќеска бил донесен на Токсикологија и тоа бос и облечен само со лесна облека и бил ептен премрзнат, па ноќта ја поминал на клиника каде го згрижиле. Ние го презедовме утринава пред оваа установа, откако ни се јавија, а момчето беше покриено со чаршав, окрепено и веднаш го пренесовме во пунктот за бездомници во Момин Поток. Среќа голема е што не смрзал на овие ниски температури, му дадовме веднаш чај, храна и лекови – раскажува Драгана Лазаревска, координатор на овој пункт за Плусинфо.

Цели шест месеци домот на Робертино е под Железничката станица во Скопје.

 
– Ни раскажа дека неговите ја продале куќата пред 6 месеци, по што починале, а братот и сестрата се во Германија, но тие си гледале само за себе и не му помагале финансиски. Кога го прашавме зошто порано не се јавил кај нас во пунктот, ни кажа дека не ни знаел дека постоиме, а и дека би се срамел сам да дојде. Вчера го истепале некои и му ги зеле и чевлите. Сега во пунктот му дадовме и алишта и се надеваме ќе остане тука, барем додека трае студеното време – додава Драгана.

В.д. директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Нико Беќаровски, вели дека бездомникот кај нив бил префрлен од Кардиологија.

– Таму колегите го прегледале, но бидејќи немале место, го упатиле кај нас, каде само преноќил. Лекови веќе имал добиено, а персоналот кај нас го окрепил со храна и чаеви и утринава е испратен во пунктот за бездомници – вели д-р Беќаровски за Плусинфо.