Рецепт за „топло-ладно“ колаче од кое тече путер од кикирики

Да признаеме, ретки се оние кои не го сакаат популарното „топло-ладно“ колаче. Крцкава надворешност и течно чоколадо во внатрешниот дел. Сега замислете додаток на путер од кикирики и посегнете по состојките за да почнете со подготовката.

Ова е колач со совршен вкус и ви гарантираме дека нема да сакате да го поделите со никого.

Потребни состојки:

1 лажица путер
45 g темно чоколадо (по можност со над 70% какао во составот)
1 јајце
1 лажичка екстракт од ванила
2 лажички шеќер
1 лажичка брашно
Прстофат сол
1 коцка темно чоколадо
1 лажичка путер од кикирики

Начин на подготовка:

Загрејте ја рерната на 190 степени целзиусови.

Намачкајте го малиот единечен сад за печење на колачот со путер.

Стопете ги чоколадото и путерот, а потоа додаете го јајцето, екстрактот од ванила и шеќерот.

Добро измешајте додека смесата не стане мазна.

На крајот додадете го брашното и солта и уште еднаш промешајте.

Истурете ја смесата во калапот или садот за печење.

Коцката темно чоколадо ставете ја во центарот на смесата и ставете го путерот од кикирики.

Покријте го путерот со мал дел од смесата.

Печете 7 минути (без отварање на рерната) доколку сакате чоколадото да е многу течно или 10 минути ако го сакате колачето посуво.

Сервирајте со шлаг или топка сладолед. На здравје.