Рецепт: Ќебапи-Балкански специјалитет

Самото име „Ќебап“ има персиско потекло, а во буквална смисла занчи пржено месо. Овој балкански специјалитет има култно место во нашата гастрономија, а историски некои сметаат дека се подгорвувал дури и во Стара Грција. 

Доколку сакате да експериментирате во кујната, повеќе одошто да ги купите подготвени, прочитајте го овој рецепт кој ќе ви покаже како да ја подготвите смесата за ќебапи како вистински мајстор.

Оние искусните, велат дека подготовката на смесата не е некоја филозофија, најбитен е квалитетот на месото, соодносот на состојките и времето потребно смесата да „одстои“.

Она што ви е потребно за добар ќебап, најпрво, е еден и пол килограм јунешко месо, препорачливо, набавено од доверлив производител; половина килограм јагнешко месо; 4-5 чешлиња лук, или 2% од вкупната маса на месото; сол и две лажички сода бикарбона. 

Месото, исечкано на коцкички, добро посолете го, и прелејте го со околу 100 милилитри вода со лук, која претходно ја имате проварено. Измешајте ја смесата рачно и оставете ја да отстои во фрижидер во текот на ноќта. Наредниот ден, смесата сомелете ја со машина за мелење месо, два пати. Така сомелената смеса, оставете ја да отстои неколку часа на собна температура, па вратете ја во фрижидер. Пред да почнете да ги обликувате ќебапите, додадете ја сода-бикарбоната. 

Препорачливо би било, ќебапите да ги подготвувате на дрва и со користење на маст од животинско потекло. 

Уживајте во најпознатиот балкански деликатес!