Реален ФБ статус за вчерашните настани: Биди геј или стрејт, ако не си од вистинската партија - нема вработување

Пасторот на Евангелската црква Филип Иванов преку фејсбук статус ги опиша вчерашните случувања во главниот град.

Тој својот статус го започна со зборовите „Сега гледам слики и видеа од атмосферата и на другата парада. Нема да коментирам ништо посебно околу самиот настан, нивна журка, нивна работа.“ но го заврши со „Тоа е тоа, можете на следната парада да им спомнете нешто од ова на тие видни личности што ви дадоа поддршка, оти кај нас не идат. ;)“ па прочитајте го неговиот фејсбук статус во целост во продолжение:

„Сега гледам слики и видеа од атмосферата и на другата парада. Нема да коментирам ништо посебно околу самиот настан, нивна журка, нивна работа.

Само, другари, како може одново и одново да се мантра „дискриминација, дискриминација“ кога имате директна финансиска и морална поддршка од цел државен врв, со министри и пратеници, плус најпознати глумци и пеачи, и еден куп странски амбасадори, чии амбасади гордо веат ваше знаме, и упорно се обидуваат нам останатите да ни ги наметнат вашите „вредности“ и светоглед? Лицемери се тие, посебно Американците кои се појавија, тука ни продаваат лекции по толеранција, и веат ЛГБТИ знаме (спротивно од наложбата на нивниот претседател), а во Саудиска Арабија и други места не ни зуцнале за геј популацијата што сѐ уште има смртна казна која виси над нив постојано. За безбројните нивни војни и жртви нема ни да почнувам. Ама ако, вие си знаете. Мило ми е што си поминавте во мир, ете, сега и не може да се продава приказната за мачеништво и прогонство на лгбти луѓето, па немаше никаква насилна реакција дури и по вашиот перформанс на кој најниско, намерно, и директно ги повредивте чувствата и идентитетот на поголемиот дел од населението, нешто што на нас другите не би ни поминало, дури и кога би сакале да се спуштиме на тоа ниво.

Од она што го гледам, денес собрани беа елитисти, а не напатени, омаловажени, и дискриминирани луѓе. Не знам, може и да грешам.

Сепак, во нашето општество има дискриминација, само нема никаква врска со сексуалноста.

Биди геј или стрејт, ако не си од вистинската партија - нема вработување.

Биди геј или стрејт, ако не си богат - нема добра здравствена грижа.

Биди геј или стрејт, ако си хендикепиран - нема основни услови за мобилност, вработување, и живот воопшто.

Биди геј или стрејт, ако дишеш воздух во Македонија - умираш од загадувањето.

Биди геј или стрејт, ако јадеш храна од оваа почва - се храниш со отрови. 

И листата продолжува, за самохраните родители, за сираците, за работниците и работничките, за бездомниците, за стотиците илјади кои живеат во сиромаштија, без разлика на нивната (а)сексуалност.

Тоа е тоа, можете на следната парада да им спомнете нешто од ова на тие видни личности што ви дадоа поддршка, оти кај нас не идат. ;) “