Реакција на Град Скопје: „Градски паркови, а не градски градилишта“ е тенденциозен текст, полн со лаги поврзани со изградбата на новиот забавен парк

Градот Скопје реагира на текстот објавен на ден 13.04.2017 година, со наслов „Градски паркови, а не градски градилишта“, на авторот Кирил Арсовски Пржо (http://respublica.edu.mk/blog/2017-04-12-08-48-00).

Овој текст е објавен во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: Зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија (транспарентност и отчетност на институциите) ResPublica“, а истиот е имплементиран од страна на Институтот за комуникациски студии.

Јасно ни е дека станува збор за индивидуален став на авторот и дека истиот не подлежи на истите правила и начела кои ги побарува новинарството и новинарскиот текст, но сепак мораме да реагираме бидејќи во истиот се објавени голем број на лаги и шпекулации и истите служат за понатамошно дезинформирање на јавноста во однос на ова прашање. Дополнително, сметаме дека е крајно непрофесионално високо образовна институција, како што е Институтот за комуникациски студии, да објави текст и истиот да биде финансиски спонзориран за поголема читаност на социјалните мрежи, без притоа да се провери вистинитоста во наводите на истиот.

Градот Скопје реагира на овој тенденциозен текст, полн со лаги, невистини и шпекулации поврзани со изградбата на на новиот забавен парк во Градскиот парк во Скопје.

Авторот, иако на повеќе места има поставено интернет врски до стории каде што јасно стои дека забавниот парк ќе биде на истата локација и на истата површина, во континуитет низ овој текст користи термини и конструкции како „нов проширен Луна парк во Градскиот парк во Скопје“, со што ја манипулира и наведува јавноста дека истиот ќе биде во поголем обем и површина од постоечкиот забавен парк.

Авторот на овој текст е селективен при изборот на извори кои ги цитира, притоа си дава за право едни да ги третира како легитимен извор на информации, додека кога како извор се зема Градот Скопје, истиот е предмет на неверување и лична интерпретација.

Коментирајќи една реакција на Градот Скопје на еден натпис објавен во интернет портал, авторот вели дека „Иако демантот од Град Скопје беше брз и оттаму полемизираат околу димензиите и квадратурата на забавниот парк и уверуваат дека нема значајно да се оштети зелената површина на паркот, без притоа да приложат било каков план за градба или за работа...“. Доколку авторот на овој текст издвоил неколку минути да ја прочита реакцијата на Градот Скопје, лесно ќе дошол до заклучок дека Градот Скопје како институција не полемизира, туку ги соопшти фактите кои се познати согласно проектите и сите урбанистички документи.

Во однос на наводите за нетранспарентност, за сите потребни информаци авторот можел во секој момент да се консултира Градот Скопје и да му се постават конкретни прашања, како надлежна институција за Градскиот Парк и проектот за изградба на нов забавен парк. Сепак во овој текст, во обид да се прикаже некаква „издржана“ основа за стручен текст, авторот решава да се повика на други, исто така, лажни и тенденциозни информации, а резултатот е текст со личните ставовите на авторот.

Навистина е тенденциозен обидот да се прикаже Градот Скопје како нетранспарентен околу проектот за реконструкција и изградба на забавиот парк во Градскиот парк, кога за него се говори повеќе декади, а со најобично пребарување на интернет секој може да пронајде неверојатно голема количина на информации од сите фази на овој проект, од планирање, преку буџетирање и спроведувањето на процесот на јавните набавки и самата реализација. Навистина ни е тешко да поверуваме дека и покрај постоењето на стотици вакви текстови и информации кои се достапни за јавноста, авторот на овој текст не успеал да најде ниту еден од нив.

Авторот во неговиот текст, наместо да дозволи фактите и аргументите да ги потврдат или отфрлат неговите тезите (ставови), тој неговите однапред поставени тези ги „потврдува“ со селективен избор на информации и цитира само извори кои ги потврдуваат истите. Така, авторот на овој текст објавува неколку интернет врски со стории кои се со постар датум, а во текстот во обид да ја докаже тезата дека забавниот парк ќе биде изграден надвор од постоечките рамки, објавува фотографии од конкурсот за идејни решенија од пред неколку години, без притоа да напомене дека истите немаат никаква врска со изведбениот план. Ова на авторот, доколку истиот имал желба, лесно ќе му беше разјаснето од наша страна, доколку ја имаше доблеста да се обрати до нас.