Расте бројот на патници на македонските аеродоми

Расте бројот на патници на македонските аеродоми. Последните податоци на воздухопловните власти покажуваат дека во првиот квартал е остварена позитива од 7,1%. Се очекува годинава да се натфрли ланскиот рекорд и да се стигне до посакуваната бројка од 2 милиона превезени патници.

„Авиосообраќајот го развиваме и во 2017 година. Очекуваме 2 милиона патници. Наша следна цел е да ја имаме оваа бројка само на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Напорно работиме за да го постигнеме тоа“ – вели генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Евтините летови, новите дестинации, достапноста на европските метрополи и подобрената инфраструктура значително го зголемија интересот за летање, со што скопскиот аеродром постепено се претвора во регионален центар.

„Со мерките и политиките овозможивме 37 дестинации низ Европа и Блискиот Исток, рекорден број досега. Уште еден показател за успешниот развој на авиосообраќајот во Република Македонија е и фактот што имаме дополнително зголемување од 7,1% на бројот на патници во првиот квартал од оваа година“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.