Рамсторе: Будно го следиме случајот и правиме се да се помогне на повредениот работник

Вработена во маркетот „Рамстор“ во трговскиот центар „Капитол“ во скопската населба Аеродром, вчера тешко ја повредила раката чистејќи ја машината за мелење месо. По настанот со реакција се огласија од Рамсторе.  Во соопштението до јавноста тие го потврдуваат немилиот настан и велат дека прават се што е потребно за да и се помогне на вработената и нејзиното семејство.

Веднаш беше повикана Брза помош, екипа за Противпожарна заштита, Полициската служба и беше известен Државниот Инспекторат за труд.По кратката и брза интервенција, вработената во имобилизирана состојба беше пренесена во Ургентниот Центар при Клиничкиот Центар во Скопје и над истата веднаш, во текот на ноќта  и беше извршен хируршки зафат. По зафатот сите прсти на повредената рака се зачувани и се следи процесот на опоравување, се вели во соопштението од компанијата.

Највисокото раководство на Рамсторе го следи будно случајот. Рамсторе ќе продолжи да прави се што е потребно за да и се помогне на вработената и нејзиното семејство да истата се опорави во целост, додаваат тие.