Ракометарите вечерва играат против Полска

Нашата ракометна репрезентација вечерва од 20:30ч. ќе го одигра првиот натпревар од квалификациониот турнир за Олимписките Игри кои ќе се одржат летово во Рио Де Женеиро, Бразил. Прв противник на црвено-жолтите е репрезентацијата на домаќинот на турнирот Полска. Ракометарите од вчера престојуваат во Гдањск каде во наредните неколку денови ќе одиграат вкупно 3 натпревари. Со две победи во трите натпревари Македонија ќе може да обезбеди настап на најголемиот спортски спектакл на планетата и со тоа ракометот да биде првиот екипен спорт кој ќе ја претставува нашата земја на ова натпреварувње. Квалитетот и формата на нашиот состав во моментов ги прават овие шанси повеќе од реални, особено ако се земе дека противниците на овој туринир се релативно послаби од оние кои ги имавме во претходните квалификации.

Полска важи за фаворит според својот статус и ја има предноста на домашниот терен, што не мора да се земе како апсолутна предност. Мора да се има на ум дека Пољаците се под голем притисок и не сакаат да ја разочараат публиката, па ќе дадат се од себе да стартуваат со победа. Нашата репрезентација неодамна одигра натпревар во кој беше сосема достоен противник на репрезентацијата на Полска, во рамките на Европското првенство, кое се одржа во Краков. Тогаш само еден гол не делеше од големо изненадување иако и тогаш тие ја имаа предноста на домашниот терен. Ракометарите не сакаат да ја пропуштат оваа шанса, која воедно е и последна за нивната генерација, да обезбедат настап на ова реномирано натпреварувње. Без оглед на исходот од вечерашниот меч, тие ќе треба да останат сконцентрирани на победа против тимовите на Тунис и Чиле кои се играат еден, односно два дена потоа.

Натпреварите во Гдањск се едни од трите групи квалификациски натпревари кои истовремено се играат низ Европа. Во Малме, во меѓусебни натпревари ќе играат домаќинот Шведска, Шпанија, Словенија и Иран, додека пак во Хернинг ќе се сретнат Данска, Норвешка, Хрватска и Бахреин. Веќе квалификувани репрезентации се екипите на домаќинот на ОИ Бразил, Аргентина, Катар, Германија, Франција и Египет.