Ракиичка, печење, благце....Ајде од понеделник на диета

Во оваа наша мала земја тешко е да си на диета бидејќи и за арно и за лошо, јадењето е секогаш тука. Се имало се немало секој те пречекува со богата трпеза. И тогаш ретко кој од нас е дисциплиниран, па се јаде и се пие во прекумерни колични.

Ракиичка, печење, благце....холестеролот, триглицеридите, шеќерот плафон.

И си викаш ајде сега ќе си јадам за Нова година се, зошто руската, кифличките, тортата да останат греота е ќе си ги каснам...

Од понеделник, здравје....а, заборавив зошто да се ставам на диета па за неколку дена Божик е, пак ќе си јадам прасечко..ништо ќе почнам од среда среќен ден да ми тргне.И така си се тешам до април дека еден ден ќе почнам дисциплирано да јадам, ама по Велигден. И  доаѓа пролет и си сфаќаш дека не те собира ни една маица по кратки ракви, пантолоните од лани...те фаќа депресија и почнуваш да пребаруваш брзи инстант диети за да имаш совршено тело до јуни зошто одмор те чека.

Овој магичен круг ќе можеш да го сопреш само ако решиш да внимаваш на храната. Ќе почнеш да ја игнорираш кога ќе ти ја нудат и пикаат под нос цврсто со став ќе кажеш НЕ не можам благодарам, иако околинта ќе ти рече гледај треба здрав да бидеш не се глупирај со тие диети ништо не ти фали.

За оние кои ќе решат од „понеделник“ да бидат на диета еве неколку совети:

Лекарите објаснуваат дека по празниците, ако сме внеле поголемо количество храна и алкохол, треба да се ставиме на диета, но не да гладуваме, туку правилно да се храниме. 

Најголем проблем може да си направат оние кои постеле и, кога завршил постот, многу јаделе. Така може да направат проблем на панкреасот и на жолчката. А додека не ги заболи нешто, нашите луѓе ретко се јавуваат кај лекарот. Затоа треба што побрзо да го вратат нормалното темпо на живот. Диетата не смее да значи прегладнување. Добро е да се внесува доволно овошје и зеленчук и полесна храна. Се разбира, никако не смее да се заобиколи физичката активност .

Одмор на организмот значи и да се избегнуваат алкохолни и газирани пијалаци, сокови со многу шеќер во нив, а во големи количини да се пие обична вода. На здравиот организам дневно му требаат по два-три литри. Газираната вода може да содржи големи количества натриум, кој може да влијае на промена на крвниот притисок. 

Водата не се пие веднаш по оброк, туку барем еден час по него. За оние кои претерале со алкохол се препорачува внес на повеќе витамин Ц, т.е. на производи кои го содржат. За детоксикација на организмот лекарите препорачуваат секаков вид свежи салати, особено богати со кромид и со лук. Лукот се препорачува и за оние со висок крвен притисок, бидејќи го намалува.