Работа на пат. Нервозни возачи или непрофесионален однос на надлежните служби?

Работа на пат е многу честа појава,  како кај нас така и во земјите во регионот и пошироко.  На прв поглед сосема нормална работа која се прави за добробитта на сите. Граѓаните нормално треба да бидат задоволни затоа што секоја интервенција на патната мрежа значи побезбеден и протечен сообраќај во иднина. 

Деновиве се најавува реконструкција на мостот „ Гоце Делчев“ во Скопје.  Граѓаните со поделени чувства : задоволни, но и нервозни затоа што тоа ќе значи во најмала рака измени на режимот на сообраќај.  

Скопје инфо во разговор со граѓаните се обидува да дојде до  одговор на прашањето : Зошто возачите се толку нервозни кога се изведуваат градежни работи на патната инфраструктура.

Ако се следи законската регулатива при  изведување на градежни работи на пат се изготвува сообраќаен проект за времен режим на сообраќај при што се уредува сообраќајната инфраструктура и се поставува привремена сообраќајна сигнализација на начин на кој се обезбедуваат минимум услови за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Така барем стојат работите на хартија, но во пракса состојбата е сосема поинаква.

Возачите  се жалат дека градежните работи  најчесто траат многу подолго од тоа што е нормално и очекувано,  а сообраќајниот метеж се издигнува на ниво што значи целосен колапс на сообраќајот. Вината за таквите состојби возачите ја гледаат во несоодветната сообраќајна сигнализација, лошите сообраќајни решенија и секако не професионалниот однос на градежните работници кои многу често оставаат шахти, дупки, градежни машини и градежни зафати кои не се добро одбележани и заштитени и кои неретко придонесуваат возачите да се најдат во незавидна состојба и со оштетувања на возилото.

Од друга страна не може да се каже дека сите возачи се целосно свесни и одговорни.  Непочитување на сообраќајната сигнализација од  само неколку возачи  може целосно да го блокира сообраќајот. Многу често неодговорни возачи не само што не ја почитуваат сообраќајната сигнализација туку и ја уништуваат поставената сигнализација и го загрозуваат животот на градежните работници.

Дали вината е кај возачите или кај непрофесионалниот однос на инволвираните субјекти во изведувањето на градежните работи или пак е обострана и поделена, Скопје инфо остава  читателите сами да донесат заклучок.

Со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот  Скопје инфо  со потсетување до возачите:   

Зоните каде што се изведуваат работи на патот претставуваат потенцијални места за настанување на незгоди,  затоа почитувајте ја вертикална, хоризонтална и светлосна сигнализација која е поставена во тие зони, намалете ја брзината, држете безбедно растојание  и управувајте го возилото со двојно поголемо внимание.   Не возете слалом,  останете концентрирани  и следеете ги насоките на лицето кое е назначено да го регулира сообраќајот и не ја блокирајте улицата или  крстосницата.  Тоа што се изведуваат градежни работи и што постои сообраќаен метеж не ви дава за право да не ги почитуватра правилата во сообраќајот.