Работа на определено време само шест месеци

Работодавците можат да склучуваат договори на определено време со работниците само за замена на работник, неодложни нови работи, работа на проект до три години. Во сите други случаи, ако се отвора ново работно место, по шест месеци на определено, работникот треба да заснова работен однос на неопределено работно време.

Ова е предвидено со новопредложениот Закон за работни односи што е во подготовка во Министерството за труд и социјална политика, а се предмет на одредени јавни дебати.

На ова се спротивставува Организацијата на работодавци која смета дека со ваквиот начин на ангажирање работници фирмите ќе се обесхрабрат да примаат нови работници, па затоа бараат акцентот да се стави на договорите за вработување на определено време.

– Досега работодавецот можеше да склучи договор на определено време со работникот без некои специјални критериуми. Сега тоа е стриктно наведено како замена на работник, неодложни нови работи, работа на проект до три години… Во сите други случаи ако се отвора ново работно место, во предложениот закон е кажано дека по шестиот месец работникот треба да заснова договор на неопределно работно време. Тоа ќе ја намали мотивираноста на работодавачите да отвораат нови работни места. Европа не случајно ги промовира договорите на определно време повеќе отколку договорите на неопределено работно време, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Тој појаснува дека договорите за работа на определено време имаат одредени негативности, како на пример страв за сигурноста на работното место, но од друга страна отвораат можност за креирање нови работни места.

– Сигурноста на работните места треба да се обезбеди преку што полесно наоѓање на ново работно место, а не преку законско ограничување дека работникот мора да заснова работен однос додека е жив. Треба да ги следиме трендовите во Европа бидејќи пазарот на труд во Македонија, не е ист како пред 20 години, рече Димитров на една трибина одржана деновиве.

Инаку, македонските работници ја изгубија сигурноста и доминантното трајно вработување низ долгогодишниот период на транзиција, кога во Законот за работни односи се овозможи покрај постојано, со одредени ограничувања да има и вработување на определено време. Таа можност дадена со закон, во последниве десетина години се претвори во правило, па бројот на работници кои се вработени ан еден, два шест месеци или една година е многу поголем од оние кои склучиле договор за работа на неопределено време. Најновата евиденција на Агенцијата за вработување за засновани работни односи покажува дека во април годинава имало 68.001 вработен о лица, од кои две третини, или 41.016 се ангажирани на определено или сезонски, додека останатите 26.985 имаат трајно вработување.

Според одговорните во Министерството за труд и социјална политика, во подготовката на новото работно законодавство предвидени се и други новини во врска со договорите за работа. Тие велат дека во овој сегмент ќе има унапредување, со посебен акцент на договорите за работа од дома, кои сега не се застапени во голем обем кај нас.

– Развојот на техниката и технологијата, посебно користењето на онлајн работењето, особено работењето преку интернет кое е се повеќе застапено во економските активности на приватните субјекти, налага ваквите договори да бидат се почести и системски препознаени и уредени. Ова е предизвик за секоја држава и на овие моменти се посветува посебно внимание при изготвувањето и носењето на новите законски решенија во рамки на новиот закон за работни односи чија подготовка е започната, појаснува Јована Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика.

Таа додава дека притоа ќе треба да се внимава ваквата форма да не предизвика намалување на правата на работниците и да доведе до нивна прикриена експлоатација.