Пукотниците станаа секојдневие - станува ли Македонија опасно место за живеење?

Секој ден сме сведоци на тешки инциденти, убиства разбојништва, тешки кражби сообраќајки со загинати и серија друг вид на кримил кој вешто се крие под тепихот на јавноста.

Последното од серијата тешки кривични дела се случи завчера повторно во скопски Чаир. Таму непознати напаѓачи нападнале скопјанец. Додека едниот крвнички го тепал, другиот пукал во него, при што му нанел неколку огнострелни рани по телото. По пукотниците напаѓачите избегале и не се достапни за полицијата.

Станува ли Македонија опасно место за живеење?

Според податоците на Министертвото за внатрешни работи минатата година криминалот барем оној насилниот е во пораст за разлика од претходната 2016 година. Трендот на сторените тешки кривични дела продолжи и годинава. Се случија убиства, разбојништва, луѓе настрадаа во тешки сообраќајки.

Граѓаните велат дека не се чувствуваат безбедно. Се случија свирепи убиства од кои мрзне крвта, а епилог за истите нема. На истрагата и тежат стотина нерасветлени убиства во последниве десетина година.

Јавноста се уште оправдано се прашува зошто се уште не е уапсен убиецот на Игор Јанушев, млад скопјанец кој беше застрелан пред неговиот дом, потоа кој е убиецот на момчето во Чаир кое сред бел ден беше убиено на автобуска постојка. Се бараат убијците и на макробосот Дилавер Бојку кој исто така беше убиен лани и многу други убијци кои слободно си се шетаат.

Страв во коски влеа и двојното убиство во менувачницата во населбата Кисела Вода кога двајца разбојници влегоа со намера да ограбат, но истите беа спречени од сопственикот кој пукаше во нив и ги уби на лице место.

Во врска со овие настани Спасовски во изјава за медиумите тврдеше дека не потфрлила полицијата и дека МВР веднаш ги презела сите мерки кои биле во негова надлежност. Конкретно за случајот на Јанушев посочи дека кривичната пријава е поднесена против познат сторител за кој министерството обезбедило несоборливи докази, како и тоа дека за убиството на момчето во Чаир биле повикани на распит повеќе лица. Но и покрај ваквите тврдења осомничените се се уште на слобода.

Според податоците на полицијата во 2016 година се случиле 17, додека пак, минатата година биле регистрирани 25 убиства. Понатаму полициската статистика вели дека убиствата кои се случиле во 2016 година, се целосно расветлени, додека пак откривачката функција на полицијата минатата година била за 24 проценти помалку од претходната година.

“Нерасветлените убиства се тежок багаж за полицијата”, велат експертите.

Молкот на институциите и нивната бавна реакција за расветлување на убиствата, само им оди во прилог на извршителите, кои се потешко ќе може да се изнесат пред лицето на правдата, а наедно е и поттик за секој друг криминал во државава.

Ова е така бидејќи со секој изминат ден, се повеќе бледнеат трагите од извршеното злосторство, истражителите се се подалеку од доказите, а кај граѓаните се повеќе се јавува чувството на несигурност и страв од опасноста која ги демне.

Криминолозите велат дека нема совршено злосторство, но има погрешно водена истрага. Според нив, најголема ефикасност полицијата има во првите 48 часа од стореното убиство. Ако во тој период не се открие сторителот, со секој изминат ден се потешко е тој да биде откриен. Често на терен се случувало, додека да дојдат истражителите, местото на убиството да не биде обезбедено, па така уште од старт увидните екипи се соочуваат со тешкотии околу собирање на доказите.

Слична е ситуацијата и кај кривичните дела разбојништва во 2016 година имало 248 додека пак нивниот број годинава е дуплиран. Од полиција велат дека лани биле регистрирани 417 од кои се расветлени само половината од нив. Разбојниците не ја бираат целта. Напаѓаат старо и младо.Се случуваше да биде нападнато дете за мобилен телефон или пак, жена за 100 денари на сред улица. Не беа изоставени ни аптеките ниту пак коцкарниците во градов каде што маскираните најчесто вооружени со пиштол упаѓаа и го одземаа дневниот промет од вработените.

Експертите велат дека насилството во Македонија се зголемува заради влошената социо-економска состојба.

Во овој контекст како што посочуваат тие постојано се зголемува и стапката на кривичните дела “тешки кражби#.

Според полициската статистиката најчеста мета на криминалците се возилата, куќите и становите
Лани биле пријавени 11.299 тешки кражби за разлика од претходната година кога имало околу 1000 тешки кражби помалку.

Минатиот месец бевме сведоци дека на удар на крадците покрај пари и злато беа и луксузните возила. Полицијата успеа да пронајде само едно од нив. Засега тие не располагаат со информации дали во Скопје оперира организирана група на крадци на возила или пак, се работи на изолирани случаи.