Прво работа, стан па дете

Прво работа,стан па дете се честите изговри на малдите кои пред се сакаат финансиски и станбено да се осигураат па потоа да создадат семејство.

-Порано не се размислуваше многу на оваа тема, прво децата доаѓаа па потоа се решаваа останатите работи. Имам син 30 години  кој работи и има  долга врска, но кога ќе му спомнеме брак, дете веднаш одговара дека нема доволно финансии и услови за да го одгледува, вели Весна од Влае.

Според првично обработените статистички податоци за природниот прираст во Македонија во првите девет месеци од 2017 година, демографите констатираат дека трендовите се негативни, во однос на 2016 година. Наталитетот со сигурност е намален во однос на 2016 година, морталитетот е речиси ист како и минатата година, што создава ситуација на значително намален природен прираст. 

Иако и модерниот живот игра улога во опаѓањето на наталитетот, при што жените сакаат поголема еманципација со градење кариера, сепак постои уште еден многу битен фактор поради кој наталитетот е во опаѓање. Тоа е екстремно лошиот здравствен систем во Македонија.

-Имам ќеркичка од 6 години, работам како правник и сопругот е вработен , отплаќаме стан на кредит, искрено не ни помислувам за второ дете, пред се заради финансиите,но и здрвството ни е катастрофа, вели Искра од Кисела Вода.

Што се однесува до тенденцијата на намалување на наталитетот во Македонија (особено во делот на мнозинското македонско население), таа се приклонува на европските трендови, каде што 70 отсто од паровите имаат по едно или по две деца, иако статистиката вели дека за позитивен природен прираст потребен е просек од 2,5 деца од еден брак. 

Во Македонија постојат веќе 300 до 400 раселени села, иако во 2002 година биле 147. Постојат 160 места со по 10 жители, а 500 места со по 100 жители. Причина за тоа е секако и миграцијата, што влијае и на намалувањето, или исчезнувањето на наталитетот во тие места.