Прво маратонско искуство: Имавме фантастична публика која неуморно до самиот крај ги бодреше натпреварувачите​​​​​​​

Данче Азманова е 26 годишен маркетинг советник која кога не пишува, обожува да спортува. Оваа година за прв пат реши да биде дел од Скопскиот маратон од хуманитарната трка на 5 километри. Данче се пласираше на 58то место во категоријата жени. За скопје инфо таа ни раскажа како се подготвувала за овој маратон и ни дава неколку совети за правилна исхрана пред секој маратон.

Како и колку долго се подготвуваше за маратонот?

-За маратонот се подготвував три месеци, со комбинација од кардио вежби и пилатес. Секоја седмица си одредував време и километри што сакам да ги поминам и го давав својот максимум. Постепено го зголемував бројот на истрчани километри, намалувајќи го времето за кое би ја истрчала рутата.

Неколку седмици пред трката, трчав на подолги стази визуелизирајќи си ја патеката на маратонот. Среќна околност е што моето куче е многу енергично, така да тоа многу ми помогна да го одржам брзото темпо на трчање. Ден пред маратонот, ги послушав советите од експертите и го поминав релаксирајќи се, но истовремено и психички подготвувајќи се за она што ме очекува на денот на трката.

Дали прв пат учествуваш на овој маратон?

Да. Со години имав желба да бидам дел од Скопскиот маратон. Најчесто како новинар известував за трките и нивниот исход, но конечно оваа година ја имам можноста и јас да се најдам од другата страна на линијата, рамо до рамо со најголемите атлетичари.

Колку е важно да се храниш здраво пред една ваква трка?

Исхраната е суштинска не само кога се подготвуваш за трка, туку и во текот на целата година. Често забораваме колку е важно на телото да му ги дадеме потребните витамини и јаглехидрати за да ја произведе потребната енергија и да ја оптимизира брзината на трчање. Особено би препорачала консумирање на свежи производи што содржат железо како коприва, цвекло и боровинки.

Секако, не треба да се казнуваме доколку сме јаделе тестенини, или, пак не сме успеале да останеме имуни на некој десерт, се додека истите биле консумирани во границите на нормалата, без прејадување.

Трчање маратон е можеби едно мало спортско достигнување, но истовремено, тоа е и одлична животна пракса која не’ учи дека ако сакаме да постигнеме нешто во животот потребни се темелни подготовки за кога ќе дојдат нашите “5 минути” да бидеме спремни за она што не очекува пред нас.

Задоволна ли си од твојот резултат и какво искуство беше ова за тебе?

Според официјалните податоци се пласирав на 58-то место во категоријата жени на трката од 5км, во конкуренција од околу 5.000 жени. Ова дефинитивно беше одлично искуство за секој учесник. Особено затоа што имавме фантастична публика која до самиот крај ги бодреше натпреварувачите.