Првите количества гас во општина Кисела Вода се очекува да протечат во октомври годинава

Првите количества гас во општина Кисела Вода се очекува да протечат во октомври годинава. Како што најавува градоначалникот Филип Темелковски, први корисници на овој енергенс ќе бидат индустриските капацитети околу поранешната фабрика Стаклара и скопска цементарница “Усје”.

– Планираме заедно со централната власт и со Градот Скопје, веќе во октомври барем делот на Стаклара и Усје да ги добијат првите кубиците на гас. За целосна гасификација на општината, вклучувајќи ги и домаќинствата ќе бидат потребни најмалку пет години – изјавува Темелковски во интервју за МИА кој напоменува дека побрзо спроведување на гасификацијата бара бизнис секторот.

Тој појаснува дека многу брзо може бизнис секторот да се гасифицира или индустриските зони што се на територија на Кисела Вода, а тие се околу фабриката Усје, и после Пинтија, помеѓу Пинтија и Драчево. Темелковски напоменува дека процесот на гасификација може многу брзо и лесно да почне бидејќи примарната мрежа завршува во Кисела Вода кај Охис.

Гасификацијата на општина Кисела Вода, според проценките, би изнесувала околу 14 милиони евра со вклучен приклучок за домаќинствата. Темелковски посочува дека во одреден дел се прави државна стратегија за тоа доколку во еден град државата плаќа за приклучок на домаќинствата.

– Тоа се уште не е утврдено, но ако се прифати, тогаш ќе плаќа секаде – вели Темелковски.

Тој најавува дека ќе се почне со ископи, но и на подигнување на свеста кај граѓаните дека треба да се приклучат на мрежата.

– Знаеме дека гасификацијата е нешто ново за нас, можеби има и одбивност од страна на граѓаните и тоа е дел од проблематиката. Така што и како општина и како централна власт многу повеќе ќе работиме на промоција на самиот проект за да се види кое е доброто што го добиваат граѓаните – истакнува Темелковски за МИА.