Првите амнестирани затвореници најрано до петок може да бидат на слобода

Почнува постапката за ослободување на затворениците по носењето на Законот за амнестија на осудените лица.

Директорот на истражниот затвор „Скопје“, кој се наоѓа во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, за „Макфакс“ потврди дека очекува најрано до петок да заврши процедурата и да излезат на слобода првите амнестирани затвореници.

„Сите казнено-поправни установи од денеска па натаму треба да ги пуштат документите до судовите што се под нивна надлежност. Судовите имаат рок од 5 дена да изготват решение и да ни го достават“, вели Котевски.

Од кривичниот суд претходно информираа дека повеќе кривични совети одлучуваат по барањата за амнестија. Очекуваат приближно 1.500 решенија.

Со Законот за амнестијата, кој беше донесен на 15 јануари, целосно ослободување од затвор ќе добијат околу 800 лица, а намалување на казната од 30 проценти ќе опфати над три илјади осуденици. Законот не предвидува амнестија за сторителите на убиство, кривични дела за силување, избори и кривични дела против државата.