Првиот бакнеж во љубовните приказни на скопјани

Каде се случил првиот бакнеж со првата незаборавна љубов? Во некое тајно катче во Паркот, покрај Вардар, зад зградата на училиштето во вечерните часови, во маалото на девојката, во кино, во тесниот сокак во Чаршијата, на излет во природа, на плажа, на корзо, во кафуле или на концерт?

Може да се напише цела историја на првиот скопски бакнеж, и таа, на своевиден начин, да го наслика градот и неговите топоними, саканите места, неговата љубовна и сентиментална историја. Историја која никој досега не ја напишал. Се открива една богата слика на Скопје и возбудата која може да ни ја приреди првиот незаборавен бакнеж. Не залудно Нина Спирова и Зоран Георгиев пееја за еден бакнеж, а таа незаборавна мелодија одекнуваше низ Скопје.

"Стоевме на скалите од Офицерскиот дом", се сеќава еден од постарите скопјани. "Бевме на вечерна забава со девојката, и требаше да се разделиме. Таа брзаше, а јас во еден миг се осмелив и ја бакнав. Тука, на скалите. Потоа ја гледав нејзината силуета како полека заминува преку Камениот мост. Беше чаирчанка. По игра на судбината, веќе никогаш не ја видов. Но затоа останаа споменот и возбудата од таа средба. Секогаш кога ќе поминев покрај Офицерски дом, ми се јавуваше некое болно и пријатно чувство истовремено". А Скопскиот парк е рајско место за првите бакнежи. За тој незаборавен миг во животот обично се спомнува кафеаната "Кермес" и нејзината околина. Зошто е тоа така, не е тешко да се претпостави. Убава музика, расположено друштво, на заминување тајни љубовни катчиња во Паркот, осамени клупи околу старата фонтана и цветните алеи. Рајски мирис ширеа цветовите, кои подоцна нe потсетуваа и ни мирисаа на првиот бакнеж. Денес е подзаборавен податокот дека постоеше, сe до пред земјотресот, и третиот дел од паркот, кој имаше неповторлив шарм, благодарејќи им на старите стебла и зелената дивина која беше на дофат од градот. Паркот се протегаше речиси до пред денешниот хотел "Александар Палас", подразбирајќи ги Градската и Руската плажа на Вардар.

Целиот текст можете да го прочитате на веб страната на Вест

Пишува Данило Коцевски за Вест