Првата скопска Бирарија: Ако сакаш да пробаш пиво мораш да дојдеш во Скопје (фото)

Не многу далеку од центарот на старо Скопје, поточно во подножјето на планината Водно, а во близина на црквата св. Петка, некаде во 19-тиот век од страна на фамилијата Арсовски била изградена Првата Парна Пивоварна, прва и единствена на територијата на Македонија. Со тој чекор, фамилијата Арсовски започнала да го произведува магичниот пенлив пијалак со златно- жолтеникава боја, а со вкус на денешното пиво, пишува Хибрид.

Се претпоставува дека вака изгледала Првата Парна Пивоварна

Старите скопјани ја имале честа први да ја пробаат бирата, а старото Скопје било единственото место каде што можела да се пие истата и секој кој посакал да се напие од овој жолтеникав пијалак знаел дека мора да дојде во Скопје. Фамилијата Арсовски во рамките на пиварницата направиле ан, кој претставувал збиралиште на сите Скопјани, но и можност секој трговски патник кој поминувал низ Скопје да може да преспие и да си ја исполни желбата да го проба вкусот на бирата. Индустриското пиво Аловина, Арсовски го подготвувале на уникатен начин.

Овој посебен вид на алкохол се приготвувал со набабрување на јачмен или овес, потоа се оставал истиот да се исуши, за подоцна да се измеле и да се добие брашно. Од добиеното брашно се замесувало тесто со студена вода и се ставало на дното на некој сад. Врз него се поставувал влачен камен и веднаш потоа садот се полнел со врела вода, по што доаѓало до вриење, односно ферментација. Така се добивал жолтеникав пијалак со 2,5-4 % алкохол, и со вкус на денешното пиво. Пивото било чувано во големи дрвени буриња, сместени во подрумите на анот кои помагале да се задржи подолго време оригиналниот вкус на домашното индустриско пиво Аловина, а истото било послужувано во големи кригли од 300 мл. Сакајќи да се доближат до вкусот на бирата, а истовремено да се релаксираат во сопствен дом и мирисот на шумскиот предел на Водно, старите Скопјани почнале да ги градат своите викенд –куќи во непосредна близина на Првата Парна Пивоварна. Со текот на времето, на ова место се изградиле многу викенд –куќи, по што местото почнало да личи на населба.

Единствениот примерок од криглите во кои се точело пивото, денес е сместена во Лезет кафе

Инспирирани од бирата, сопствениците на викенд-куќите ова место го нарекле населба Бирарија, за истата да прерасне во општина Бирарија која самостојно делувала до 60-тите години од минатиот век, за подоцна да делува само како урбана заедница и е дел од населбата Црниче.

Викенд куќа на Чохаџик изградена во близина на црквата Св.Петка во Бирарија помеѓу 1918 – 1941

Оваа Прва Парна Пивоварна била комплетно уништена во пожар, за потоа истата да биде изградена во денешната населба Керамидница. Ама ете, малкумина знаат дека честа први да пијат индустриско пиво ја имале старите скопјани кои својот омилен пијалак го набавувале од првата фабрика за пиво во Македонија, Прва Парна Пивоварна.