Со одлична игра во второто полувреме Вардар го победи Порто со 32-27 во првиот домашен натпревар од Лигата на шампионите оваа сезона.
По стартниот триумф против Монпелје, Вардар победнички го реши и вториот предизвик откако во гласната сала Јане Сандански бодрен од своите навивачи го победи Порто.
Шампионот на Македонија и Европа не го почна најдобро натпреварот, тимот на Писонеро како да го потцени противникот и за кратко време Порто направи предност од три гола разлика. Вардар полека се консолидираше, успеа да ја анулира негативата и да поведе со два гола разлика, 10:8.
Но кога сите помислија дека кризата е надмината, следуваше најлошиот период на „црвено-црните“. Порто направи неверојатна серија од 6:0 и поведе со 14:10. До крајот на полувремето Вардар успеа да намали, на одморот се замина со 14:16.
Одморот добро му дојде на Вардар, во второто полувреме го видовме она вистинското од европскот шампион. Вардар почна да игра многу посериозно и брзо ја анулираше негативата од два разлика.
Голманот Кугис со неколку одлични интервенции им даде ветар во грб на соиграчите кои почнаа да го дробат противникот. За брзо време стигнаа и до предност од седум гола. Рутински го привршија мечот за победа од 32:27.
Најефикасни во составот на Вардар беа Криштопанс и Чипиќ со по седум гола, по пет постигнаа Дибиров и Шишкарев. Кај Порто, Бранкињо беше најдобар со шест голови.