Прв пат во Македонија нема да се гледаат Зимски олимписки игри

Две недели пред почетокот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја Македонската радио-телевизија се уште ги нема откупено правата за пренос од Олимпијадата. Проблемот зошто не се откупени правата се парите, односно високата цена која се бара за пренос.

Доколку МТВ не ги откупи правата за пренос на Олимпијадата во Пјонгчанг, тоа ќе биде прв пат во земјава да не се врши пренос од ваков голем спортски настан.

Дополнително гледачите нема да можат да ги следат Олимписките игри ниту на спортскиот канал Јуроспорт бидејќи кабелските оператори ВИП и Телеком од први јануари годинава го исклучија овој канал од програмите кои ги нудат во пакетите.

Директорот на МРТВ Марјан Цветковски за сдк.мк вели дека не е во тек со ова прашање.

-Не сум во тек со тоа. Таа работа ја тераа уредниците. Да проверам треба. Побарајте ме за половина час. Секако, за половина час веќе не одговарал на повиците.

 Уредникот на спортската редакција на МТВ Драган Николовски вели дека до сега правата не се откупени, но можно е тоа да се случи во последен час.

-Сега за сега ги немаме откупено правата за пренос на Олимпијадата. Проблем се парите, компанијата која ги поседува ексклузивните права има висока цена, во моментов не можам да ви кажам за која сума се работи. Но уште одлуката не е конечна, можно е во последен момент да се откупат правата. Сè ќе знаеме за два дена, вели Николовски.

23 Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја, ќе се одржат од 9 до 25 февруари а ќе учествуваат 94 земји.