Прв до врв во недела на Водно

Во недела (19 мај) ќе се одржи седмото издание на планинскиот спортски настан, ПРВ ДО ВРВ 2019 на Водно.

На спортскиот настан и оваа година во програмата ги има трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, тим-билдинг трка за компании, како и традиционалниот пикник на целта кај врвот, по завршувањето на трките на кој е предвидена музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Стартовите на трките се закажани во 9 часот и 45 минути кај Музејот на град Скопје за велосипедистите, и во 10 часот кај основното училиште Кочо Рацин за оние кои ќе се натпреваруваат во трчање и планинарење.

Оваа година се очекува на учествуваат над две илјади натпреварувачи со најголем број на учесници од странство до сега.

Регистрираните учесници ќе можат да ги подигнат своите стартни пакети во петок и сабота на плоштадот Македонија, а оние кои доаѓаат од другите градови и држави истото ќе можат да го сторат и во недела, на денот на трката, од 8 до 9 часот кај ОУ Кочо Рацин.

Овој настан е финансиски поддржан од Град Скопје, а го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв.