Проверете си го пасошот пред да заминете на одмор: Ако сакате во Европа мора да имате минимум 3 месеци важност

Македонските државјани кои сакаат да заминат во било која земја-членка на ЕУ мора да знаат дека пасошот мора да има важност повеќе од три месеци, во спротивно тие нема да бидат пропуштени на граничните премини во земјава.

Од Министерството за внатрешни работи ова го објаснија со Шенгенската регулатива и појаснија дека не е проблем од Македонија да се добие излез за било каде ако пасошот ви е важечки меѓутоа првиот момент кога нашиот државјанин ќе стапне на тло на било која држава која е во Европската унија тој истиот момент ќе биде депортиран назад.

Од Министерството апелираат, пред екот на летната сезона, граѓаните кои планираат летен одмор или поради било кои други причини ќе патуваат во земји-членки на Европската унија претходно да си ги проверат своите патни исправи. Апелот се однесува и до туристичките агенции кои се должни да ги предупредат своите корисници дека пасошите мора да им бидат со важност подолга од три месеци.

Ова не важи ако нашите граѓани сакаат да заминат во соседна Србија, Албанија, Косово или Црна Гора. Кај овие наши соседи може да се оди и ако пасошот ви има уште три дена важност. Ако по некој случај додека сте во овие земји и останете со истечена важноста на пасошот и успеете да пројдете на српскиот или албанскиот граничен премин тогаш на македонската страна на границата нема да имате никаков проблем. Граничната полиција ќе ве пропушти да поминете затоа што сте македонски државјани, сепак најбезбедно е да се побара првата амбасада или конзуларно претставништво и тука да ви се издаде потврда дека ви е истечен пасошот и повторно нема да имате никаков проблем да се вратите дома . 

МОЖЕ ДА ИЗВАДИТЕ НОВ ПАСОШ КОГА САКАТЕ

Не ви се допаѓа како изгледате на сликата или немате место за печати во пасошот, а повторно треба да патувате, која и да е причината во пасошкото одделение на Министерството за внатрешни работи нема да имате никаков проблем да добиете нов патен документ.

"Македонските граѓани можат да извадат пасош кога сакаат, истиот да го обноват кога сакаат или пак воопшто да не вадат пасош и поради тоа нема да бидат кривично гонети".

Единствено ако сакате да го обновите пасошот на една година пред истекот на важноста тогаш покрај тоа што плаќате за редовната процедура за вадење на овој документ ќе треба да обавите и разговор со инспектор за странци кому ќе му објасните која е причината поради која сакате да го промените пасошот.