Против законот за извршители ќе се протестира секоја недела, додека истиот не се промени

Организаторите на протестниот марш против извршителите, кој денеска по повод денот на работниците – Први мај се одржа во Скопје, најавија дека ќе одржуваат континуирани неделни протести се додека не се промени законот, кој според нив направил своевиден егзодус.

За денешниот протест рекоа дека е првиот во таа низа и најавија дека нема да престанат додека не победат.

„Сигурна сум дека ќе победиме“, рече Ана Глигорова од организацијата на протестот, од каде бараат одблокирање на сметките на преку 50.000 граѓани, вистинско прилагодување на законот на извршителите на потребите на граѓаните и враќање на нотарите и извршителите во рамки на судовите.

Овој протест кој најпрво беше најавен на социјалните мрежи, доби поддршка од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, здружението „Гласен текстилец“ и здружението „Но пасаран“.

Истиот започна пред зградата на МТВ и Основниот суд, а заврши пред Владата. На протесниот марш од големи звучници поставени на возило одекнува звуци на борбени и револуционерни песни. На звучниците беа емитувани и изјави од премиерот Заев во кои тој вели дека ќе ги укине таксите за извршителите, зошто на народот му останала само душата.