Протест во сабота: Ѓорче се гуши, депонијата во Ново Село е канцер на цела општина

Жителите на Ѓорче Петров за оваа сабота најавуваат голем протест, поради нерасчистената депонија во Ново Село и ги повикуваат сите граѓани кои сакаат да се спречи загадувањето да им се придружат.

- Доста беше со труењето на нашите деца, на нас и на нашите најблиски! На 21 ноември упативме јавен апел до надлежните институции да превземат мерки за расчистување на најголемиот проблем за загадувањето во Ѓорче Петров, депонијата во Ново Село, а добивме МОЛК. На многупати медиумите известуваа, се пишуваше, а ништо не се превзема. Ѓорче се гуши, на сите мерни показатели сме убедливо на врвот. Оваа депонија, која е канцер на цела општина едноставно не престанува да продуцира загаденост. Мрша, полиестер, најлони, гуми, шут. Се шири неподнослива смрдеа! ДА СТАВИМЕ КРАЈ НА ТИВКОТО УМИРАЊЕ – ДА ОДБЕРЕМЕ ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА!, порачуваат тие.

Протестот е закажан за сабота, 7 декември од 12 часот на влезот на депонијата од страната на Ново Село, ул.„5“, 100 метри после „Тројка“.