Протест поради загадувањето во понеделник

За понеделник, 5-ти декември, во 17:00 часот закажан е протест, организиран од неколку невладини организации и здруженија, со цел да го искажат револтот поради големото загадување на воздухот во Скопје. 

Протестот го организираат граѓанските иницијативи кои се борат за еколошка свест: „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Ајде Македонија“, „Сакаме Аеродром да дише“, „Но пасаран“ и „Во одбрана на Дебар Маало“. Иако последните неколку денови временските услови го намалија загадувањето, особено ветерот и дождот ги однесоа густите облаци смог, сепак според некои мерења концентрацијата на ПМ10 честичките во Скопје, Битола, Тетово, Велес и Куманово го надминуваат дозволеното ниво. Особено, во Скопје, населбата Лисиче мерната единица регистрира и до 5 пати повеќе од дозволената концентрација, што е навистина алрмантно. 

Повикот на граѓанските здруженија го пренесуваме интегрално:

„Сакаме да го искажеме нашето незадоволство од релаксираноста и од незаинтересираноста на надлежните институции, а од Град Скопје и општините да побараме итни мерки, како и долгорочен план за решавање на оваа еколошка и здравствена катастрофа. Сите досегашни мерки и стратегии понудени од институциите и од Град Скопје не дадоа резултат. Потфрлија и нивните ветувања дека ќе се дознаат загадувачите, ќе се најдат причините, ќе се преземат сите неопходни законски мерки и граѓаните на Скопје ќе бидат поштедени од понатамошно труење. Скопје и понатаму неконтролирано се урбанизира, се промовира автоцентричниот пристап – автомобилите имаат првенство пред јавниот превоз, велосипедите и пешаците. Се затвораат очите на надлежните институции пред очигледното и документирано незаконско работење на скопските индустриски објекти, дивите депонии, како и домаќинствата кои во време на економска криза и ниска свест, користат крајно сомнителни суровини за загревање“