Прослава по повод две години кино „Култура“

Киното „Култура“ – просторот за современи изведувачки уметности и современа култура, денеска со почеток од 21 часот ќе го прослави својот втор роденден.

Овој простор официјално започна со работа на 24 декември 2015 година.

„Во двегодишното активно работење беше поддржана реализација на над 200 нови содржини од полето на современата уметност и современата култура, која опфати теми и активности на пошироката граѓанска сцена. Покрај драмски, танцови, постдрамски и експериментални претстави, во киното „Култура“ се реализираа и образовни, резиденцијални и продукциски активности во современите изведувачки уметности, како и книжевни фестивали и промоции, концерти, конференции, дебати, уметнички истражувања, филмски фестивали, програми за актуализација на родовите и ЛГБТ-прашања преку културно-уметничка пракса итн.“, информираат од „Театарот на навигаторот Цветко“ и центарот „Локомотива“, чии проект е киното „Култура“.

Денес просторот го негува развојот на изведувачките современи уметности и култура и обединува теми, пристапи и пракси од поширокиот граѓански сектор со кои ја развива културната јавна сфера во земјата.