Промовирани пет нови монографии од едицијата „Македонски дејци“

Нови пет монографии посветени на Јане Сандански, Христо Татарчев, Андон Јанев-Ќосето, Петар Ацев и Петар Шанданов, дел од проектот „Македонски дејци“ на Филозофскиот факултет во Скопје и Државниот архив на Република Македонија, синоќа беа промовирани во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Проектот „Македонски дејци“, поддржан од Министерството за образование и наука, почна во 2013 година по повод одбележувањето на 120-годишнината од основањето на Македонската револуционерна организација.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека проектот има непроценлива вредност и значење кога е во прашање збогатувањето на македонската историографија и одгатнувањето на мистеријата за многу македонски идеолози, револуционери и дејци на кои, како што рече, им должиме никогаш да не бидат заборавени. Потсети и на другите 20 монографии посветени на Тодор Александров, Христо Чернопеев, Апостол Петков, Пере Тошев, Георги Кулишев, Васил Чакаларов...

- Овие монографии се базираат на добро анализирани и длабински обработени историски извори и факти достапни во многу странски архиви, преку примена на соодветни научно-истражувачки методи. И затоа имаат огромна вредност. Секој пишан збор е чиста вистина, без било каква цензура или дополнителна интервенција. Не постојат табу теми. Детално се опишани животите и дејствијата на македонските револуционери, рече Ристовски. 

Тој истакна дека е особено горд што го почнале овој проект и додаде оти веќе се во длабока фаза од неговата реализација. - Публикуваме страници за големи Македонци чии што дела се всушност порака за сите нас, за сегашните и идни генерации. Порака дека борбата за Македонија никогаш не запира. И порака дека во таа борба можеме да опстоиме само доколку аманетот од нашите предци не го сметаме за наметнат, туку со силно чувство кон татковината како најсвето место за секој од нас, го прифатиме и дадеме збор за негово исполнување, потенцира Ристовски. 

Проф. д-р Ратко Дуев од Филозофскиот факултет-Скопје нагласи дека монографиите им се посветени на истакнати македонски дејци кои оставиле голем белег во македонското револуционерно движење. Додаде оти во нив се внесени најновите историски истражувања на современата македонска историска наука. 

Тој информира дека Филозофскиот факултет ги направил достапни печатените изданија во книжарниците на „Матица македонска“, а како електронски книги бесплатно се достапни на електронската книжарница-makedonika.mk.

Еден од промоторите на книгите, проф. д-р Виолета Ачкоска рече дека едицијата „Македонски дејци“ е само уште еден камен-темелник во напорите на оваа гарнитура која, како што рече, овие десет години ја води македонската држава.

- Камен-темелник за зацврстување на македонскиот идентитет бидејќи се наоѓаме на едно место каде ни се негира историјата, ни се негира идентитетот, ни се променува името, нагласи Ачкоска, која додаде дека со оваа едиција може да се гордее македонската историографија. 

Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, кој ги промовира монографиите за Јане Сандански, Христо Татарчев и Андон Јанев-Ќосето, порача дека македонскиот народ знае кој е, знае каде оди и кои се неговите стремежи и тенденции. 

- И не само тоа. Неговата наука се повеќе оди кон она да ги открие ставовите, погледите и тенденциите на нашите предци и борци за слободна и независна Македонија, независно од тоа кој, кога и како дејствувал. Што значи дека ние сме народ кој е реализиран, комплетно со сите негови атрибути, рече Ѓорѓиев. 

На промоцијата присуствуваа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, автори, професори, студенти...