Промовирани четири нови дела од едицијата „Македонски искушенија“

Четири нови дела од капиталната едиција „Македонски искушенија“ во која се содржани 50 нови изданија кои го воздигнуваат нашето историско минато, беа промовирани  во Порта Македонија. Станува збор за делата „Светите Кирил и Методиј“, „Пере Тошев“, „Дамјан Груев“ и „Најпознатите македонски војводи“.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето рече дека oваа едиција е надоврзување на првиот дел на овој исклучително значаен проект кој произлегол од големата продукција на документарни филмови кои во изминатиот период ги реализирала Македонската радио телевизија, се со цел, како што рече, да го збогатат македонскиот книжевен и историски корпус и дополнително да ги афирмираат личностите и настаните кои оставиле длабока трага во македонската историја.

Посочи дека надоврзувајќи се на овие филмови создале едно книжевно богатство кое е потврда дека нашето минато, темно или болно, контроверзно или афирмативно, оставило длабок печат врз нашата сегашност и нашиот идентитет. Во тој контекст, нагласи министерката, секој читател на овие изданија кој воедно може да го погледне и документарниот филм кој е во прилог на книгите, има можност објективно да се соочи со нашето минато, реално согледувајќи ја комплексноста на нашата актуелна сегашност како држава.

- Токму затоа, овие изданија имаат исклучително значење за нас и за идните генерации бидејќи преку нив ние ќе се стекнеме со бројни сознанија за најзначајните појави и процеси во поновата историја на Македонија, за револуционерната и духовната сила на нашите претходници во остварувањето на државотворните цели. Всушност едицијата Македонски искушенија е симболично кажано своевиден стожер на културниот идентитет на Република Македонија на крстопатот на светските цивилизации но, и во актуелните глобални политички превирања на модерното време, рече Канческа - Милевска.

Нагласи дека на денешната промоција претставуваат дела кои се однесуваат на личности од епохата на македонската револуционерна борба од крајот на XIX и почетокот на XX век, како и едно дело од нашето културно-историско минато од средновековниот период. Овие книги, истакна, се збогатени со копии од документарните филмови кои беа емитувани на Македонската радио телевизија.