Промовирана поштенската марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија“

Во пресрет на утрешната посета на папата Франциск, во Собранието денеска беше промовирана поштенска марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија“.

„Како што ви е познато, утре кај нас доаѓа во посета Папата, поглаварот на Римо-католичката црква во рамките на неговата Балканска турнеја и оваа промоција е навистина одличен начин за да се забележи овој историски настан. Папата Франциск е познат по својата скромност и широкогледост, повикува на еднаквост, противник е на насилството и е прогресивен во своите ставови и ја поддржува еволуцијата, токму затоа е широко прифатен од младите ширум светот и за нас е огромна чест што утре ќе бидеме домаќини на оваа посета“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.

Иако во Република Северна Македонија, додаде тој, католичката заедница е помала во однос на другите верски заедници, сепак неоспорен е нејзиниот ценет придонес во градењето на соживотот во нашата земја, нешто што не е воопшто лесно меѓутоа, како што вели и Папата во неговата видео порака упатена до Северна Македонија, „вреди да се вложи тој напор, бидејќи посебната убавина на нашата земја се должи токму на различните култури, заедници и религии што живеат во неа, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“.

„Ние, иако мали по територија и по број на жители, имаме што да понудиме во градењето на еден поубав свет за сите. Исклучителен пример за тоа е нашата Гонџе Бојаџиу, големата светица Мајка Тереза која неуморно се даде себеси и сето свое битие за да ги утеши сиромашните, немоќните, болните“, рече Џафери.