Промовирана антологијата „Десет унгарски поети“, во рамки на Литературната манифестација „Илинден“

Во рамките на 20-та Литературна манифестација „Илинден 2019“, во Домот на култура „Илинден“, беше промовирана антологијата „Десет унгарски поети“ во избор и препев на Паскал Гилевски.

Промотивна реч за ова значајно дело во кое се сместени најзначајните унгарски поети, одржаа унгарскиот амбасадор во нашата земја д-р Ласло Дукс и нашиот истакнат писател Блаже Миневски.

- Поезијата зазема високо место во нашата култура. Овие десет поети што за оваа збирка ги одбра Паскал Гилевски, всушност на најдобар начин ги отсликуваат состојбите во Унгарија во 20 век и нивните животи длабоко се испреплетени со историјата на земјата во овој период. Преку нивното творештво унгарската поезија и книжевност израснаа во едни од позначајните во светски рамки, истакна амбасадорот д-р Ласло Дукс.

Писателот Блаже Миневски во промовирањето на оваа збирка истакна дека и покрај малиот обем, со овој стегнат пресек на унгарската поезија дури ни оној што не прочитал ни една книга од застапените автори ќе добие увид во развојот, во боите и звуците на унгарската поезија.

-За ова во голема мера треба да му се честита на издавачот и на авторот на препевот Паскал Гилевски, кој не само што ја превел, туку и живеел со оваа поезија, мешајќи го во своите соништа она што го слуша со она што го сонува, и обратно. Книгата е доказ дека сонот станал јаве и дека поезијата од унгарските низини звучи исто така моќно и од македонските ридишта и котлини, истакна Миневски.

Стихови од збирката читаше Паскал Гилевски, а за комплетно уживање на присутните на овој настан со музички настап се погрижи флејтистката од Унгарија, Жужана Ѓурина Дуксне.