Промовиран повикот „Предизвик за млади истражувачи“ во Општина Кисела Вода

Денес во Општина Кисела Вода, Фондот за иновации и технолошки развој изврши презентација на Јавниот повик за финансирање на истражувачки проекти во основните и средните училишта насловен: „Предизвик за млади истражувачи“.  

На презентацијата директорите и наставниците по предметите по природни и технички науки од општинските основни училишта имаа можност да се запознаат со условите за учество на јавниот повик.

Целите на иновацискиот натпревар за креирање на истражувачки проект од областа на природните и техничките науки се следните: поттикнување на учениците на креативни решенија за проблеми и прашања со кои се соочуваат, како и наставниците и учениците заедно да работат на иновативни идеи.

На повикот може да учествуваат сите основни и средни училишта на територија на Република Северна Македонија, со натпреварувачки тим составен од 1 до 2 наставници ( ментори на проектот) и 3 до 7 ученици ( учесници во проектот). Истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и наблудување. Предложените истражувачки проекти треба да бидат комплементарни на наставните програми и да соодвествуваат со когнитивните способности на возрасната група.

Ќе бидат доделени награди во две категории: истражувачки проекти во основното образование и истражувачки проекти во средното образование. Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300.000,00 денари.

Пријавувањето на предизвикот за млади истражувачи трае до 31.03.2019 година. Документите потребни за аплицирање  се достапни на сајтот: www.fitr.mk/predizvikzamladi2/.