Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во изработката на визуелните ефекти на филмот „Спајдермен доаѓа дома“.

Премиерата на филмот е на 6 јули, во киното Синеплекс.

Иако малку видовме од новиот Спајдермен во последниот „Капетан Америка: Цивилната војна“, ќе биде интересно да се види неговото воведување во групата Одмаздници. Посебно за фановите на Марвеловите стрипови, особено кога Спајдермен е 15-годишен тинејџер кој оди во средно училиште, а неговиот „ментор“ е Ајронмен.

Од првото соло појавување на овој Марвелов лик, очекуваме духовито, енергично освојување, со сето она со кое Питер Паркер и неговото алтер его нè забавуваат веќе половина век.

„На овој проект работевме од јануари до мај годинава, со тим од околу 70 артисти. Марвеловите филмови ни се особено драги проекти бидејќи како компанија сме негови фанови, но, сепак, моментот кога ќе си го видиме името на одјавната шпица, како што е на пример последниот проект, ‘Трансформери: Последниот витез’, кој имаше премиера минатата недела, е токму тој момент. Непроценлив, радост за целиот тим, причина да се гордееме со тоа до каде сме стигнале“, изјави Кристијан Даниловски, ко-сопственик и основач на ФХ3Х.

Спајдермен доаѓа дома“ е американски филм за супер херој базиран врз карактер од Марвеловите стрипови, шеснаесетти филм во низата Марвелови суперхерои, а втора екранизација на главниот лик.

Режисер е Џон Уатс, а главните улоги ги толкуваат: Том Холанд, Мајкл Китон, Џон Февре, Доналд Гловер, Зендаја, Мариса Томеј и Роберт Дауни Џуниор.

Премиерата на „Спајдермен доаѓа дома“ беше во Холивуд на 28 јуни, додека филмот ќе почне со светска проекција на 7 јули. Оценката на критичарите за филмот беше многу позитивна и филмот беше оценет за најдобар од „Спајдермен 2“ (2004), со високи оценки за актерскиот перформанс на Холанд.

Продолжението на серијалот „Спајдермен“ е закажано за 5 јули 2019.