Промоција на книгата „Град без љубов“ од Александар Петров

Промоција на книгата „Град без љубов“ од Александар Петров, која неодамна ја објави издавачката куќа Темплум од Скопје, ќе се одржи вечерва во 20 часот во киното „Култура“. За книгата ќе зборуваат Невена Георгиева, Дејан Ивановски и Даниела Симоновска.

„Збиркава колумни уште од самиот зачеток беше замислена како книга со отворен концепт: како што настануваа текстовите стануваа јавно достапни. Почнав да ја создавам кон крајот на 2013 година, преку првите статии објавени на ударните опозициски портали. Со текот на времето се создаде серијалот кој го имате в раце и кој стана составен дел од расплетот на еден од најтешките периоди за македонската демократија воопшто, период кој траеше цели 11 години. Сите текстови се концентрираат на градежниот аспект на тоа владеење, кој трајно го уништи градот и константно го силуваше градското јадро сите тие години“, пишува авторот во предговорот на книгата.

Александар Петров е архитект кој дипломирал на универзитетот во Ферара (Италија), во класата на Џовани Корбелини. Како стипендист на регионот Емилиа Ромања стручно се усовршува во Загреб, под водство на професорот Хрвоје Њириќ. Од 2006 година работи во различни архитектонски студија помеѓу Џенова и Милано. По краткиот престој во Мелбурн се насочува кон проектирање инфраструктури, а од 2013 постојано е ангажиран на проектот за проширување на Аеродромот „Марко Поло“ во Венеција. Има изведено и различни објекти низ Скопје и Милано.