Промена во возниот ред на ЈСП на повеќе линии

Почетокот на новата учебна година значи и поголема фрекфенција и метеж во сообраќајот. Со цел да пружи подобар сервис за граѓаните ЈСП Скопје го менува возниот ред на 16 автобуски линии.

Според информациите од ЈСП промени има на следните линии: 3б, 22, 65в, 58, 11, 12, 47а, 55, 55а, 58а, 61, 63, 64а, 164, 165, 165б.

Измени постојат и во термините на поаѓање на одредени линии, како и димензионирање и воведување нови и утврдување на соодветната должина на сите градски линии во двете насоки изразени во километри. Во предлог-одлуката стои дека по барања и предлози на корисниците на јавниот превоз за подобрување на квалитетот на услугата ќе се донесат овие промени. Во согласност со димензионирањето и предимензионирањето, целосно нови возни редови има на следните линии: 3Б, 22, 65В, 58. Исправка на одредени термини на поаѓање е направена на следните линии: 12, 11, 47а, 55, 55а, 58а, 61,63, 64а, 164, 165 и 165б.

Главна интервенција ќе има кај линијата 22, која се движи од Волково до Транспортен центар, на која ќе се воведат уште две нови возила.

Поголеми измени ќе има и кај линијата 65в, која се движи од Транспортниот центар до селото Стајковци и планирано е оваа линија да се зголеми за 1,3 км, односно до крајот на селото Стајковци. Сепак, за да се реализира ова продолжување ќе треба да се изгради терминалот.

Автобусот со бројот 58 ќе има зголемена траса, односно наместо од Транспортниот центар до Сопиште, автобусите ќе се движат до Долно Соње.

Измените кај другите линии кај кои ќе се врши интервенција главно се однесуваат на измени на поаѓањето. Кај 3б, која сообраќа од Кванташки пазар до комплексот „Панорама“, има поместување во поаѓањата од пет до десет минути.

Промената кај другите автобуски линии е најчесто кај поаѓањето, за да им се излезе во пресрет на корисниците што имале проблем со префрлање на автобус или со доцнење на работа.

Измените и дополнувањата се за да се задоволат барањата на корисниците на јавниот превоз, ќе се подобри квалитетот на превозот, а со тоа ќе се зголеми бројот на корисници на јавниот градски превоз и ќе се подобри и рентабилноста, се вели во предлог-одлуката.

За туристичката линија што води до Матка со бројот 60 сѐ уште останува нејасно дали сообраќа до крајот или само до селото Глумово, бидејќи на веб-страницата на ЈСП на списокот на скратени линии не стои таква информација.

Возните редови на ЈСП можете да ги најдете на следниот линк.