Пролетно чистење во општина Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров ќе спроведе пролетно чистење со кое ќе бидат опфатени зелени површини, санирање ударни дупки, кастрење дрва, расчистување диви депонии, миење и хоризонтално обележување улици.

Пролетната акција, како што информира општина Ѓорче Петров, ќе започне од понеделеник 13 март, а ќе трае во текот на целата недела.

ЈП „Паркови и зеленило“ ќе работи на кастрење на крошните на дрвјата, сечење на суви дрвја, садење на цвеќиња и садници на јавните површини, во реонскиот парк, хортикултурно уредување на дворовите во училиштата и градинките, додека ЈП „Комунална хигиена“ ќе врши чистење и миење на улиците, како и замена на оштетените контејнери.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ ќе работат на чистење и поправка на сливници, отстранување на дефекти во водоводната мрежа, како и санирање на прекопи, а од ЈП „Улици и патишта“ ќе вршат санација на улиците, како и на подобрување на хоризонталната и вертикалната сигнализација. ЈСП Скопје ќе работат на чистење на автобуските постојки и просторот околу нив.