Пролетна акција на јавните претпријатија во општина Гази Баба (фото)

Продолжуваат активностите во рамките на четиринаесеттиот циклус на посети на скопските општини, каде што денеска се одржа средба со урбаните и месните заедници од Гази Баба.

– Ова е дел од пролетната акција за чистење на општините во Скопје, каде денеска сме во општина Гази Баба, каде во период од 7 дена сите јавни претпријатија интензивно ќе извршуваат активности во сите населени места во оваа општина. Со овие акции сакаме да го зголемиме степенот на чистотата и комуналната хигиена во општините, каде во овој период сите јавни претпријатија интензивно работат не територијата на една општина, со што може да се завршат повеќе работи.  Би сакал да ја истакнам одличната соработка на Градот Скопје и јавните претпријатија со градоначалникот и администрацијата на Општина Гази Бази. Овие 8 години работевме на подобрувањето на комуникацијата помеѓу градската администрација и претпријатија со службите на општините и урбаните и месни заедници, за денеска да имаме одлична комуникација и соработка и систем каде самите претставници на општините сериозно влијаат во работењето на претпријатијата – кажа градоначалникот Трајановски.

Јавните претпријатија на Градот Скопје ќе спроведуваат засилени активности во период од 7 дена, каде што ќе извршуваат работи што се во нивни надлежности.

– ЈП „Паркови и зеленило“ ќе работи на кастрење на крошните на дрвјата, сечење  суви гранки, садење цвеќиња.

– ЈП „Комунална хигиена“ ќе врши чистење и миење на улиците, како и замена на оштетените контејнери.

– ЈП „Водовод и канализација“ ќе работи на чистење и поправка на сливниците, отстранување  дефекти во водоводната мрежа, како и санирање прекопи.

– ЈП „Улици и патишта“ ќе вршат санација на улиците, како и на подобрување на хоризонталната и на вертикалната сигнализација.

– ЈСП Скопје ќе работат на чистење на автобуските постојки и просторот околу нив.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, ги поздрави редовните средби и оцени дека истите даваат позитивни резултати.

– И оваа година ја спроведуваме оваа наша заедничка активност, каде започнуваме со уредување на улиците, парковите, тротоарите и расчистување на кабастиот отпад. Ние имаме одлична комуникација со јавните претпријатија, каде ги координираме нашите активности со нивните пунктови на дневна основа. Ние се вклучивме во оваа акција со нашето јавно комунално претпријатие „Гази Баба“ и 40 сезонски работници кои работат на повеќе локации во општината. Оваа година во програмата за работа на јавното прептријатие предвидена е набавка на две специјализирани возила за чистење на улиците-метларки, со што верувам дека ќе се подобри состојбата со чистотата во овој дел – кажа градоначалникот Трајковски.

Претходно се одржа средба на службите на Општина Гази Баба, заедно со претставници на урбаните и месните заедници од Гази Баба со претставници на градската администрација и сите јавни претпријатија на Градот Скопје. На оваа средба се изготви акциониот план за делување на јавните претпријатија за овие 7 дена, каде беа договорени приоритетите и локациите на кои ќе се работи во оваа пролетна акција на јавните претпријатија.