Пролетен базар на домашни ракотворби во Скопје

Пролетен базар на домашни ракотворби денеска и утре ќе се одржи на Плоштадот Филип Втори во Скопје, во организација на Занаетчиската комора.

На пролетниот базар ќе бидат изложени домашни ракотворби и практично претставени голем број занаети, како  и нивното значење и влијание врз квалитетот на живеењето на граѓаните.

Во рамки на оваа традиционална манифестација годинава ќе се промовираат изработките на накит од филигран и монистра, украси, рачни ракотворби, плетиво, изработки од камен и цртање на украси на камења, изработки на производи од филц и декоративни украси и облека од филц, цртање чаши со македонски мотиви, уникатни изработки на цветни аранжмани од бонбони.

Целта на настанот е да се истакне значењето на овие кадри  за занаетчиството и стопанството, средното  стручно образование, практичната обука и стекнувањето  вештини и компетенции, а се со цел поттикнување на младите  да се запишуваат  во средните стручни училишта.

На базарот ќе бидат промовирани занаетчиските занимања  кои нудат перспектива и можност за вработување, како и да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производството и поттикне размената на искуства и знаење на занаетчиите, зголемување на продажбата на занаетчиските  производи и услуги и зголемување на туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на градот Скопје.