Пролетен базар на домашни ракотворби на плоштадот „Филип Втори

На плоштадот „Филип Втори“ на 19 и 20 мај 2017 година ќе се одржи традиционалниот „Пролетен базар на домашни ракотворби“. Покровител на манифестацијатa е Град Скопје, а организатор е Занаетчиската комора Скопје.

На овој дводневен настан ќе бидат презентирани различни занаети, нивното значење за квалитетот на живеење на граѓаните и што би претставувало човештвото без занаетчиството.

Како дел од оваа манифестација ќе се промовираат изработките на накит од филигран и монистра, украси, рачни ракотворби, магично плетиво, изработки од камен, дрво и керамика, цртано стакло, како и изработка на слики од срма, a ќе има и креативна работилница. Посетителите ќе можат да погледнат и да купат интересни ракотворби, како накит, парчиња облека, уметнички слики, филигран и друго. Ќе биде објавен и најавтентичен сувенир на град Скопје, избран од страна на комисија.

Целта на овој настан е да се истакне важноста на занаетчиството и стопанството, средното стручно образование, практичната обука и стекнувањето вештини и компетенции, а се со цел поттикнување на младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги изучуваат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување.

Воедно, целта на манифестацијата е да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производство, како и да се поттикне размената на искуства и знаење меѓу занаетчиите, зголемување на продажбата на занаетчиските производи и услуги и да се зголеми туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на Скопје.