Производи мали, цени високи: Килото не е кило, литарот не е литар

Трошоците за живот се зголемени за 1.9% за една година, измери Државната статистика. Но, има и неофицијална таканаречена скриена инфлација за која многумина не знаат. Производите се помали, а цените се повисоки.

Килограмот не е килограм, а литарот не е литар. Вака најголем дел од компаниите со години го кријат поскапувањето, а најголем дел од потрошувачите и воопшто не се свесни за тоа. Но има и такви, кои тоа го забележале.

Кило леб одамна е 600 грама, а последниве години дури и 400 до 500. Чоколадата најчесто не е 100 туку 90 па дури и 75 грама, зејтинот е 900 па и 750 милилитри, солта и шеќерот наместо кило се 900 грама, шпагетите и макароните, наместо 500 најчесто се 350 до 400 грама. Паштетите „ослабеа“ за 5 до 15 грама, а и дел од цигарите со години се по 19 во кутија, но со повисока цена. 

И бурекот и сендвичите во голем дел се потенки и посиромашни, а ваква состојба има и во порциите во некои од рестораните и кафеаните.

Сето ова претставува „скриена инфлација“ која по самата дефиницијата е намалување на квалитетот или квантитетот на одреден производ при непроменети цени.Според последните податоци на државната статистика, трошоците на живот се зголемени за 1.9% во февруари годинава, за разлика од истиот период минатата година. 

„Граѓаните мора да бидат навистина внимателни. При пазарење не треба да се гледа само цената и марката туку и тежината и содржината. На пакувањата грамажата треба да се врзе со единицата мерка, за да може да се види дали тоа што се купува е поевтино или поскапо. На пример, ако на кесичката пишува дека содржи 400 грама, треба да се назначи колку чини килограм, за да можат потрошувачите полесно да се снајдат“ велат во ОПМ.

Само дел од маркетите го практикуваат ова, најчесто тоа се „ниско буџетните“ кои нудат и најевтини производи. Кај нив секогаш ја пишува цената на производот, но и цената на 100 грама или еден килограм со што на купувачите им се олеснува споредбата.