[Програма] Викенд настани во Скопје

Планински марш на Водно

Европското движење во Република Македонија во партнерство со Делегацијата на Европската унија во државава традиционално го одбележуваат Европскиот ден на знамето.

Настанот започнува утре, в сабота во 9 часот пред Инфо-центарот на Европската унија во Скопје каде што се врши размена на знамињата на Република Македонија и Европската унија по што колона од планинари ученици и активисти на граѓанските организации ќе се упати кон врвот на Водно и ќе ги постават двете знамиња.

Виз Ер Скопски маратон

Со над 8.500 учесници од 51 држава од светот Виз Ер Скопски маратон повторно ги сруши границите на конвенционалното и од година во година тој станува еден од најпосетуваните и најинтересните настани во Македонија.

Од организацијата информираат дека подигнувањето на стартните пакети за Виз Ер Скопскиот маратон 2017 ќе биде на 5ти и 6ти мај во Парк Хотел и Спа од 10 до 19 часот.

Насловниот спонзор на маратонот, Виз Ер, на секој учесник му доделува и вредносен ваучер од 20 ЕУР кој може да се искористи преку www.wizzair.com.

Во склоп на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи и Детски мини маратон во сабота, 06.05.2017, во 10.00 часот на кеј на реката Вардар, позади Парк Хотел и Спа. Партнери на Детскиот мини маратон се Македонски олимписки комитет и УНИЦЕФ.

Прв коњички турнир

Во селото Ново Село, веднаш до црквата „Свети архангел Гаврил“, в недела ќе се одржи првиот коњички турнир на општина Ѓорче Петров, „Златна потковица“.

Во рамките на турнирот ќе има натпревар на коњи во влечење трупци, изложба на коњи и галоп трки.

Општината Ѓорче Петров ги повикува сите заинтересирани за учество, како и за сите љубители на овие коњички спортови.

„Скопје креатива 2017“

Во Младинскиот културен центар почна годинешново издание на Фестивалот на Креативни Индустрии – „Скопје Креатива“ кој ќе трае до 6 мај, сабота, 2017 година.

„Скопје креатива“ станува омилен урбан културен настан во градов на кој публиката повторно, и оваа година, ќе има можност за прв пат да ги види уникатните дизајнерски решенија на многубројни македонски компании и самостојни уметници, кои создаваат производи со исклучително квалитетна уметничка и естетска вредност, а од кои нашето општество има индустриски и економски бенефит.