[Програма] Овој викенд настани кои ретко се случуваат во Скопје

Во сабота претежно сончево и топло време со пораст на температурите. Доцна попладне и навечер нестабилно со локални врнежи од дожд кои ќе изостанат во југозападните и југоисточните предели.

Овој викенд во Скопје има интересна, забавна и разнолика програма:

„Вози право, вози здраво“

Ревијалната трка „Вози право, вози здраво“ по улиците на Скопје ќе се одржи во сабота на 20 мај од 12 ќасот. Целта е подигнување на свеста за позитивните ефекти од користењето на чисти транспортни средства. 

Заедно собраните извозени „метри“ ќе бидат преточени во донација на урбана опрема, фокусирана на развивање на сообраќајната и велосипедска култура.

Натпревар за класична гитара

Град Скопје и Детскиот културен центар „Карпош“ од денеска до 26 мај организираат меѓународен фестивал за класична гитара „Тремоло П.С. Гитар фест“. По четврти пат ќе се одржи и натпревар за класична гитара во категории за ученици и студенти.

Настапите ќе ги оценува жири кое е составено од познати гитаристи - Дарко Багески и Александар Крстановски од Македонија, Џевдет Сахатџија и Антонио Руменовиќ од Хрватска, Дарко Карајиќ и Бошко Радојковиќ од Србија и Стела Динкова од Бугарија.

Победниците на натпреварот ќе добијат награди, а скопската публика ќе има можност да посети три концерти во Културно информативниот центар вечерва и во следните два дена, со почеток во 20 часот.

Фестивал за феминистичка култура и акција „Прво па женско“

Во Младинскиот културен центар ќе се одржи петтото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. Настанот е во организација на девојките од „Тiiiit! Ink“.

Колку сме отворени, искрени и слободни да говориме за феминизмот и прашањата што ги засегаат жените, но и мажите? Дали воопшто знаете што претставува феминизмот и за кои вредности тој се бори? Дали сте доволно храбри да си поставите некои прашања тивко пред себе, а камоли јавно да проговорите за нив? Фестивалот ќе понуди можност за барања на одговори на сите овие прашања и дилеми. 

Саем за деца и родители во Skopje City Mall

Во Skopje City Mall започнува Саемот за деца и родители и ќе трае сѐ до недела. Благодарение на различните активности кои се атрактивни за сите возрасти, настанот кој преминува во традиција, ќе ги спои семејствата со многу изненадувања и забава за сите, особено за најмладите.

Од трговскиот центар најавуваат натпревари со многу подароци, тимски игри, предизвици, караоке, диско за деца и креативни работилници. Магионичар ќе ги забавува сите со своите трикови и ќе го доближи магичниот свет до децата. Тука е и Kids Disco каде што децата заедно со маскоти ќе се забавуваат на диско музика. Своето знаење ќе можат да го покажат на филмски квиз со прашања од детските филмови каде ќе се доделуваат бесплатни билети за кино. Еден од поинтересните натпревари ќе биде натпреварот на семејствата, каде што ќе се натпреваруваат семејствo против семејствo во извршување на задачи како што се: препознај го своето дете со врзани очи, најбрзо сложување на сложувалка итн. На натпреварот за брзо повивање мажите ќе ги покажат своите татковски способности и ќе се натпреваруваат еден против друг.

Пролетен базар на домашни ракотворби

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски присуствуваше на отворањето на традиционалниот „Пролетен базар на домашни ракотворби“, кој се одржува на плоштадот „Филип Втори“.

Македонското занаетчиство отсекогаш било израз на врвна уметност, изработена од рацете на обичниот човек кој на парчето метал, дрво или кожа успевал да му даде убавина или живот, практична намена. Креативниот дух на нашите предци создал форми, творби, карактеристични за одредени периоди како одраз на неговата посебност и идентитет. Малите и средните претпријатија и занаетчиството се движечката сила на секоја пазарна економија зашто генерираат вработеност и економски раст. Занаетчиството нуди перспективи за младите и невработени лица преку отворање мали бизниси. Ми претставува задоволство што расте бројот на младите во Македонија кои сакаат да се занимаваат со занаетчиство. Нашата цел е да ги поттикнеме младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги изучуваат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување– рече денеска градоначалникот Трајановски.

ПРВ ДО ВРВ

Во недела ќе се одржи ПРВ ДО ВРВ  најмасовниот планински настан во Македонија. Ова е омилениот настан на Скопјани на чија програма и годинава има трки во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и традиционален пикник на целта кај врвот. По завршувањето на трките  е предвидена музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.