Проект „Културна ризница” во општина Ѓорче Петров

За младите кои допрва го развиваат својот креативен капацитет, за правилно оформување на нивната личност, градење принципи на општествена одговорност и препознавање и употребување на скапоцените културни вредности, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, потпиша меморандум за соработка со Јасмина Бошевска, претседател на Здружението на граѓани за мотивација и развој на комуникации „Дијалог”.

Во наредниот период, во рамки на проектот „Културна ризница”, кој ова здружение го спроведува, на територија на општина Ѓорче Петров ќе бидат организирани неколку мултимедијални културни работилници во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски”, а јавно поставени на денот на општината како дел од културен настан.

-На средбата со Бошевска, стана збор и за поставување мозаик од каменчиња, мермер или гранит на одредена локација во Ѓорче Петров, кој е предвидено да биде културна атракција и обележје на населбата. Како можна локација каде би се изработил мозаикот се спомена „Корзото”, но идејното решение и проектот дополнително ќе се разгледуваат – информираше Наумоски на својата фејсбук-страница.

Тој додаде дека преку вакви работилници, се работи интензивно на јакнење на капацитетите на младите во однос на развивање на нивните знаења за културата, културното наследство, етното и традицијата.