Проекција на филмот „Јавачи на коњи“ на „Скопско лето“

На Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, во рамки на манифестацијата „Скопско лето“ вечер ќе има вонредна проекција на филмот „Јавачи на коњи“, во режија на Марјан Гавриловски.

Улогите ги толкуваат Никола Кузелов, Бобан Кулески, Долорес Поповиќ, Владимир Јаревски и Кристијан Стојановски. Влезот е слободен.

Првпат во Македонија, а според организаторите, специјално за „Скопско лето“, на плоштадот „Мајка Тереза“ пред платото на Македонска опера и балет вечер ќе се одржи концерт „Ладино богатство“ на Коби Ошрат (гитара и вокал), Галит Гијат (вокал), Ејал Хавив (клавијатура и хармоника) и Адам Тал (гитара, мандолина и ут) од Израел.

Коби Ошрат е композитор роден 1944-та година во Хаифа. Со богато меѓународно реноме и искуство, добитник на многу награди, тој исто така работи и како аранжер и диригент. Галит Гијат е израелска актерка и пејачка со успешна 25 годишна кариера на тв екраните, во театрите и кино салите. Адам Тал е гитарист со повеќе од 16 години искуство во свирење во живо и снимање во студио. Тој освен гитара свири, ут, бузуки, мандолина и други инструменти.Ејал Хавив е пејач и пијанист во израелскиот воен ансамбл при израелските одбрамбени сили.

Во Фоајето на Македонска опера и балет ќе биде поставена и изложба на фотографии „Мојот Ерусалим“ на Шломи Амсалем од Израел. Изложбата е во соработка со амбасадата на Државата Израел во Македонија.