Продолжува размена на средношколци од Македонија и од САД - еве како да се пријавите

Новата, четврта по ред група од пет американски средношколци ќе пристигнат денеска на 10-месечен престој во Македонија, во рамки на Програмата за младинска размена и образование  финансирана од Владата на САД и администрирана од Бирото за образование и културни работи на американскиот Стејт департмент.

Како што соопшти Американски совети за меѓународно образование, петте ученици, американски државјани на возраст од 16 до 18 години, ќе живеат во македонски семејства домаќини и ќе учат во македонски средни училишта (СУГС „Јосип Броз Тито“ и НОВА меѓународни училишта) запознавајќи ја македонската култура во текот на една учебна година.

- Во согласност со мисијата на Бирото за образование и културни работи на Стејт Департментот да се зголеми меѓусебното разбирање помеѓу луѓето од САД и луѓето од другите земји преку образовна и културна размена кои придонесуваат за развојот на мирољубиви релации, во Македонија оваа програма почна во 2008 година. Првата група македонски средношколци стипендирани преку оваа програма отиде во САД во учебната 2009-2010 година. Од тогаш до денес вкупно 113 ученици од сите краеви на Македонија се дел од оваа успешна меѓукултурна размена, се наведува во соопштението.

На 15 август 2017 е испратена новата група од 10 средношколци од Македонија кои ќе живеат во американски семејства домаќини и ќе учат во средни училишта ширум САД. 

Во септември 2017 година отпочнува новиот циклус на селекција на ученици од Македонија за учебната 2018-2019 година. Заинтереираните ученици може да се пријават на 30 септември во Скопје, на 3 октомври во Куманово, на 4 октомври во Штип и на 5 октомври во Струга.

- Ги охрабруваме сите заинтересирани ученици од прва и втора година средно училиште да дојдат и да се пријават, соопшти  Американски совети за меѓународно образование. Подетални информации се објаевни на  веб-страниците: http://ac-see.org/new/ и http://ac-see.org/new/yesmacedonia/