Продолжува акцијата за чистење на сметот во Кисела Вода

Општина Кисела Вода продолжува со акцијата за расчистување на сметот во сите месни и урбани заедници на својата територија.

-Имено, со оваа акција од почетокот на оваа работна недела беше опфатено расчистување на отпадоците од улиците, тревните површини и парковите во УЗ „Цветан Димов“ каде беа собрани околу 4 тони смет, додека пак во УЗ „Кисела Вода“ беа собрани околу 3 тони смет. Денес оваа акција продолжува да се одвива во урбаните заедници „Црниче“ и „Расадник“, додека пак веќе за почетокот на наредната работна недела планирана е акција за расчистување на УЗ „Бирарија“ и МЗ “Пинтија“, информираат од Општината.

Во текот на мината недела се чистеше и во урбаните заедници „11 Октомври“ –  Бараки и „Драчево“ каде беа собрани вкупно 7 тони смет.

Локалната самоуправа за успешно спроведување на овие активности кои сеуште се во тек преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита ги вклучи своите сезонски работници.

Општина Кисела Вода и во иднина ќе продолжи да вложува максимални напори за почиста и поздрава животна средина и повторно апелира до сите граѓани за совесно однесување и почитување на Законот за јавна чистота.