Замор и тоа не само во физичка, туку и во секоја друга смисла. Знаеме дека знаете за што зборуваме, затоа што секој од нас се нашол во таква ситуација барем еднаш во животот.

Светот во којшто живееме знае да биде напорен, а околината неблагодарна, дури и кога сѐ правите како што треба. Често се случува сѐ да се руши, едно по друго и да чувствувате дека секој чекор што го правите е лош потег и ве враќа во дебел минус. Давате 300% од себе, а животот ви враќа една голема нула.

Ја губите волјата да се насмевнете на случаен минувач, немате нерви да објаснувате дека човечки е да се греши понекогаш. Едноставно боите на животот избледуваат и едно утро се будите и сфаќате дека сѐ околу вас е сиво.

Инаку не сте тавки, но некоја депримираност се вовлекува во сите пори на животот и сѐ чини дека нема светло на крајот на тунелот, како некој да ги скршил сите светилки со позитивност во светот.

Кога цинизмот ќе го надвладее оптимизмот, лесно може да паднете во маѓепсаниот круг на тагата и незадоволството, а многу тешко се излегува од него. Да, ве растргнуваат на сите страни, сите нешто очекуваат, а никој ништо не нуди за возврат, дури ни насмевка со со крајчето на усната која би ви дала надеж дека сепак ќе биде подобро. Како воопшто човек да остане позитивен кога поразите значително ги надвладеаја сите победи?

Сите сме уморни. На некои луѓе срцето толку пати им било скршено, што веќе не можат да го состават. Некои луѓе бројат само порази, а силно се надеваат на победи, макар и малечки од типот на тоа дека алармот ќе заѕвони на време и дека нема да задоцнат на работа. Ризикот не е избор и сите бараат некоја сигурна емотивна лулка. Не е секогаш лесно да се подигнеш и да испливаш на површина, особено кога ќе те преплават разочарувањата и ќе почнат да те влечат кон дното.

Сите сме уморни, а сепак сите подеднакво мислиме дека сме сами во тоа. Никој не сака да биде насилник, но ни жртва. Уморни сме од играње и преправање, подигнуваме ѕидови и се браниме од потенцијално лоши луѓе и тешки чувства – се браниме затоа што повеќе немаме сила за повторно некој да не фрли на дното од кое е тешко да се издигнеш.

Но, запомнете дека животот не може секогаш да оди по планираната брзина. Некогаш забрзува и не можете да го стигнете, а понекогаш е бавен. И понекогаш работите не се одвиваат баш онака како што сте ги замислиле. Но и уморот е океј. Дозволено е понекогаш да се уморите од животот кој ве руши на секое поле.

Кога сте уморни, забавете. Замолчете. Не, не треба да застанете, само да си дадете себеси малку повеќе време. Уморни сте со причина. Уморни сте, затоа што така треба да биде. Уморни сте, затоа што доаѓаат промените. Изморени сте затоа што растете, а тоа не е секогаш едноставно.

Во моментот сте уморни, но тоа нема да трае. Небото и утре ќе биде сино, тревата зелена, а вие ќе се разбудите и ќе сфатите дека конечно сте ја пронашле идеалната рамнотежа помеѓу она што го сакате и брзината со која можете да го остварите тоа.